Кениецот Елиуд Кипчоге (34), светскиот рекордер во маратон од Берлин 2018-та (2:01,39 часа) по четврти, рекорден пат, победи на маратонот во Лондон, со рекордно време за оваа патека (2:02,37 часа), наедно и второ најдобро време во маратон.
Кипчоге, олимпискиот шампион од Рио 2016-та, многумина го сметаат за најдобар маратонец на сите времиња. Тој практично е непобедлив бидејќи има триумфирано на 11 од 12-те маратони на кои има настапувано, освен во Берлин 2013-та кога беше втор!

Лани во септември во Берлин тој го собори рекордот на сонародникот, Денис Кимето поставен исто така во Берлин во 2014 година (2:02,57 часа). Останува да се види дали Кипчоге ќе продолжи да трча со оглед на најавите дека маратонот во Лондон ќе му биде последен во кариерата.

Интересен е податокот дека последните седум светски рекорди се соборувани и поставувани во Берлин, од 2003-та и Кениецот Пол Тергат (2:04,55), па до лани, и Кипчоге.