ФУДБАЛ

Кингсли Коман (24), стрелецот на победоносниот гол во финалето на фудбалската Лига на шампионите, беше прогласен за најдобар играч на натпреварот, во кој Баерн го победи ПСЖ со 1-0. Францускиот интернационалец, роден во Париз во 1996 година, кариерата ја почнал во академијата на ПСЖ, на осумгодишна возраст. На мечот ПСЖ – Сошо во 2013-та, тој влезе во игра на местото на Марко Верати и стана најмладиот дебитант во клупската историја.
Но не доби поголема минутажа, по што во летото 2014 година замина во Јувентус. Набргу потоа, во 2015-та, Јувентус го испраќа на заем во Баерн, по што, по две сезони, од 2017-та е дел од Баерн. Но во следните сезони Коман, кого го нарекуваат и Крал, имаше многу проблеми со повреди, па дури размислуваше и за пензионирање, на 22-годишна возраст. Токму поради серијата повреди што го следеа, Баерн реши летово да го купи Лирој Сане за 50 милиони евра од Манчестер сити.

Но сезонава Коман одигра најмногу натпревари, 38 во сите конкуренции, сезона во која Баварците освоија три трофеи. Шансата што му ја даде тренерот Ханс-Дитер Флик, да биде во првите 11 во финалето, на местото на Иван Перишиќ, се покажа како одличен потег што ќе му ја обележи кариерата.
– Прекрасно е чувството, пресреќен сум. Чувствувам малку тага за Париз, тие имаа извонредна кампања и мора да се почитува тоа што го направија. Се обидувавме да ги држиме под притисок. Не примивме гол, тоа беше најважното. Париз играше одлично, исто така и ние. Беше одлично финале – изјави Коман, за кого ова беше прва европска титула, но вкупно 20-ти трофеј во кариерата (домашни првенства, купови и суперкупови).