Мојот предизвик бев самиот јас, рече Сашко Кедев на презентацијата по повод 10-те години од искачувањето на Монт Еверест (8.848 метри)
Времето е сѐ што имаме, бизнисмените велат дека времето е пари, но тоа е многу повеќе од пари. Времето е живот, а животот не е само тоа што го живееме туку како го живееме и по што ќе го запаметиме. На крајот некогаш треба да се навратиме и да го споделиме со најблиските. Ништо не е случајно во животот, така и оваа наша дружба, која е потврда на заедничката поврзаност, рече, меѓу другото, Сашко Кедев на презентацијата во преполната сала на Македонската филхармонија, насловена „На врвот на светот и потоа“ по повод 10-те години од искачувањето на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри).
Кедев е третиот Македонец (по Димитар Илиевски-Мурато во 1989 година и Глигор Делев во 2007 година), кој пред 10 години, на 19 мај, се искачи на Монт Еверест. На презентацијата на која присуствуваа многубројни гости, академици, познати политичари, поранешни и сегашни парламентарци и бизнисмени, Кедев во емотивното и инспиративно, речиси двочасовно излагање, зачинето со многубројни фотографии и видеоинсерти, се осврна на почетоците во планинарството и за тоа што го мотивира да се впушта во ризици на високите планини.
– Сите сакаме да ја најдеме вистината и сите ја бараме на свој начин, која е смислата на животот. Тоа е случајот со мене и мојот пат кон вистината, искуствата што ги стекнав на пониските и на повисоките планини. Не постои успех во животот без ризик, но потребно е тој ризик да биде пресметан. Според некои статистики, 80 отсто од луѓето живеат во т.н. комфорна зона, не се потресуваат, живеат мирно, не излегуваат од таа зона. Но, ако некој сака да напредува треба да излезе надвор од таа зона, таму е успехот во животот – рече Кедев.
За искачувањата на највисоките врвови на Северна Америка, Јужна Америка, Африка и на Европа, Мекинли/Денали, Аконкагва и Килиманџаро, Елбрус, Кедев рече дека му биле претходница, тест и своевидна подготовка за искачувањето на Монт Еверест.
– Мојот предизвик бев самиот јас. Сакав да видам како ќе се однесувам во ситуации на личен ризик од смртта со која во мојата професија секој ден се соочувам. „Која е вашата лична мотивација, за вас како лекар, да одите на Еверест, зошто го ризикувате животот таму“, беше прашањето од будистичкиот свештеник за мене и за другите што тргнуваат кон врвот. Според него, само тие што имаат чиста, нематеријална мотивација, успеваат да се искачат на врвот. Ако правите работи во животот без чиста заднина и мотивација, еден ден тоа ќе пропадне, природата ќе го коригира. Треба да се работи тоа што се сака, односно да се сака тоа што се работи – вели Кедев, истакнувајќи дека за него многу емотивно било соочувањето со меморијалот на Мурато на Еверест.
Пригодно видеообраќање имаа Јован Поповски, водачот на македонската експедиција на Монт Еверест во 1989-та кога Мурато како прв Македонец се искачи на највисокиот врв на светот, Глигор Делев и Надир Мурсели, кој заедно со Кедев и со Поповски се има искачено на највисоките и најтешки врвови во Европа.
Кедев е единствениот Македонец што ги има искачено највисоките врвови на сите седум континенти, Мекинли/Денали во Северна Америка (6.194 м), Аконкагва, Ј. Америка (6.962), Килиманџаро, Африка (5.895), Елбрус, Европа (5.642), Винсон, Антарктик (4.892) и Панџук Џаја/Карстенс Пирамидс, Индонезија/Австралија (4.884).