Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лавовска улога за успешноста на една спортска нација заземаат вложувањата во спортската инфраструктура, спортското образование, логистиката, нивото на тренерската и лекарско-спортската едуцираност, разгранетата мрежа на лигашките и турнирските натпревари итн. Но сето тоа не би можело да се реализира, а младите и нацијата не би можеле одржливо да се развиваат, ако не е поддржано од државата, која треба да создава амбиент да се реализира тоа: од директно финансирање, преку создавање формалноправен амбиент (закони и други акти), кои овозможуваат олеснување за добивање финансиски приливи во спортскиот (професионален и рекреативен) сектор, па до поттикнување на економијата, бизнисот и стопанските субјекти да вложуваат во спортот

Каков е спортот – таква е состојбата на нацијата и државата. Оваа често користена изрека нема само паушален карактер. Напротив, само еден бегол поглед на резултатите од истражувањето на табелата сочинета од порталот „Грејтест спортинг нејшн“ (ГСН), што секоја година се прави на основа на статистички показатели за најуспешна нација, покажува дека успешните економии произведуваат и успешни спортски нации, успешни спортски колективи и индивидуалци. Се разбира и поздрави нации. Имено, заклучоците на нашето новинарско истражување сликовито идентификуваа силна поврзаност на (успешна) држава со (успешна) спортска нација. Бројките за бруто-националниот производ на една држава како еден од основните начини на мерење на големината и перформансите на една национална економија е нераскинливо врзан со успешноста на една спортска нација. Ако спортските успеси на нацијата се гледаат по жител, Норвешка е втора година едноподруго најдобра европска, но и светска спортска нација, а од 2008 година (освен 2012), секоја година таа завршува на првите три места.

Сѐ уште ја бараме или ја најдовме формулата за успешна спортска нација?

Агенцијата за млади и спорт (АМС) деновиве повторно направи напори да даде нов импулс за финансирање, а со тоа даде и ветер во едрата на македонските спортски клубови. Тој потег е долгоочекуваната поддршка за нашите спортисти, спортски работници и клубови, кои одамна чувствуваат дека личните физички и психички перформанси на еден спортист не се веќе одлучувачки за добрите спортски резултати. Лавовска улога тука заземаат вложувањата во спортската инфраструктура, спортското образование, логистиката, нивото на тренерската и лекарско-спортската едуцираност, разгранетата мрежа на лигашките и турнирските натпревари итн. Но сето тоа не би можело да се реализира, а младите и нацијата не може одржливо да се развиваат, ако не биде поддржано од државата, која треба да создаде амбиент да се реализира тоа: од директно финансирање, преку создавање формалноправен амбиент (закони и други акти), кои овозможуваат олеснување за добивање финансиски приливи во спортскиот (професионален и рекреативен) сектор, па до поттикнување на економијата и бизнисот да вложува во спортот. И овој пат АМС покажа извонреден осет дека вложената енергија, напори и интелект и средства долгорочно ќе дадат плод, а спортските вложувања ќе имаат силни референци во другите сфери на општеството и државата.

Статистички показатели на Еуростат за издвојувања на ЕУ-државите за спорт и рекреација

Еуростат неодамна објави статистички податоци дека 28-те земји-членки на Европската Унија (ЕУ) во 2017-та, за спорт и за рекреација издвоиле 51,3 милијарда евра!
По жител, Луксембург издвоил најмногу пари за рекреација и спорт – 492 евра, а потоа следуваат Шведска со 256 и Финска со 206 евра. Зад нив се Холандија – 199, Данска – 192 и Франција – 183 евра. Најмалку пари за оваа намена издвоиле Хрватска – 13 и Бугарија – 16 евра по жител. Нешто подобри од нив се Словачка – 23, Романија – 25, Литванија – 31 и Малта – 32 евра.
Европскиот просек наменет за трошоците за рекреација и за спорт по жител изнесува точно 100 евра. Најголем процент пари од државната каса за таа намена издвоиле Унгарците – 2,5, а најмал Хрватите – 0,2 отсто. Некаде меѓу овие крајности се Словачка, Малта и Ирска сите издвоиле по 0,4, Луксембург – 1,2, Естонија – 1,4 отсто итн.

За 2019-та од буџетот на Македонија за финансирање на спортот, од масовниот, училиштен, спортско-рекреативен, па до врвниот, за изградба и санација на сали и други објекти, беа предвидени околу девет милиони евра. Од таа сума под ставката за „рекреација, култура и религија“ се издвоиле околу четири милиони денари (65.000 евра). Вкупната инфраструктура наменета за рекреативците (барем во Скопје) последниве години е подобрена, но има уште многу работи што треба да се направат и да се подобрат, пред да се издвојат повеќе пари за таа намена и подобро да се организира работата во овој сегмент.

Секако, констатација е дека за спортот, но со тоа и за македонската (спортска) нација претстојат подобри денови? Спортот е огледалото на нашата држава и нација и неговото игнорирање всушност значи игнорирање на самите себеси и идните поколенија. Не го сакаме тоа, нели? 


Норвешка – најспортска нација

Рангирањето по жител се добива со делењето на населението во една држава со најмалку десет најдобри пласмани до осмото место во кое било натпреварување во годината со бројот на освоените поени, ГСН (големи спортски нации).
Со други зборови, со тоа се мери колку е спортска една нација со пресметување на колку жители им е „потребно“ да освојат барем еден ГСН-поен. Ако помала бројка жители освојуваат бод(ови), толку е поспортска нацијата.
Норвешка сѐ уште е на водечката позиција во 2019 година со 2.882 жители по поен (еден повеќе од рекордот на Јамајка во 2015 година, 2.881). Но во октомври Јамајка ги прескокна Словенија, Швајцарија и Шведска на второто место, благодарение на одличниот настап на Светското првенство (СП) во атлетика во Катар, на кое заврши на второто место, веднаш зад САД.
Естонија беше другата успешна приказна меѓу помалите нации на СП во атлетика. Благодарение на освоениот сребрен медал во фрлање копје во машка конкуренција и среброто и петтото место во десетобојот, се искачи за пет позиции на ГСН-табелата и сега е осма.


Преку рекреација до поздрава нација

Под поимот рекреација во поширока смисла главно се подразбира физичка активност во слободното време, која придонесува за подобрување на општата состојба на луѓето и за обнова на душата и на телото. Рекреацијата ги опфаќа сите возрасни категории, може да се практикува во сите временски периоди, а интензитетот и видот зависат од многу фактори, пред сѐ, од општата здравствена состојба, од желбите и афинитетите, јасно и од финансиите со оглед на тоа дека последниве години и децении сѐ повеќе луѓе практикуваат рекреативни активности, за кои се потребни време и пари (параглајдерство, скокање со падобран итн.).
Македонија, како и во многу други области и дејности, така и во овој рекреативен дел каска зад најразвиените земји, како според парите што се издвојуваат за оваа намена, така и според инфраструктурата. Но мора да се признае дека, барем во Скопје, вкупната инфраструктура наменета за рекреативците последните години драстично е подобрена, иако има уште многу работи што треба да поправаат.

Фото: Игор Бансколиев

Најуспешните спортски нации низ призмата на БДП-то по глава на жител

држава БДП во долари
l Норвешка 81.695 (3)
l Јамајка 5.392 (97)
l Нов Зеланд 41.267 (22)
l Словенија 26.243 (33)
l Швајцарија 82.950 (2)
l Шведска 53.873 (11)
l Холандија 53.106 (12)
l Австрија 51.509 (13)
l Естонија 22.990 (37)
l Бахреин 25.851 (34)
l Чешка 22.850 (38)
l Австралија 56.352 (10)
l Унгарија 2.963 (127)
l Хрватска 14.816 (55)

во заградата е рангирањето на светската БДП-листа