Тајбрејк за пласман во полуфиналето на Светскиот куп попладнево играа Витјугов – Ју и Аронијан – Вашер-Лаграв
Кинезот Лирен Динг (2.811 рејтинг-поени) и Азербејџанецот Тимур Раџабов (2.758) се првите полуфиналисти на Светскиот шаховски куп (СК) во рускиот град Канти Мансијск и сега ги дели уште една победа за да се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикување светски првак, в година во Екатеринбург (Русија).
Динг беше подобар во втората класична партија од Русинот Александар Гришчук (42. потег), а Раџабов од Американецот Џефри Ксионг (32. потег). Во преостанатите два дуела помеѓу Русинот Никита Витјугов (2.732) и Кинезот Јангуи Ју (2.763), односно Ерменецот Левон Аронијан (2.756) и Французинот Максим Вашер Лаграв (2.774), вторпат се ремизира, па попладнево се играа дополнителни тајбрејк-партии со забрзано темпо. Победникот од првиот дуел ќе игра со Динг, а од вториот со Раџабов.
Раџабов последен пат настапил на Турнирот на кандидатите во 2013 година во Лондон (победи Магнус Карлсен), а Динг беше дел од последниот во Москва во 2018 година (победи Фабиано Каруана). Од тие што настапија лани, шанса да триумфираат на СК 2019 имаат уште Динг, Вашер-Лаграв и Аронијан.