Најдоброрангираните 102 тенисерки на најновата ВТА-листа ќе настапат на гранслем-турнирот САД Опен следниот месец (од 26 август до 8 септември), објави Американската тениска асоцијација (УСТА). Ланската шампионка и светскиот рекет број 2, Наоми Осака, која во финалето ја победи Серена Вилијамс и светскиот рекет број 1, Австралијката Ешли Барти, се меѓу 13-те тенисерки-победнички на гранслем-турнири што ќе настапат во Њујорк.
На турнирот ќе играат и осмата светска тенисерка, победничката од 2017-та, Слоун Стивенс, двократната шампионка, Венус Вилијамс, победничката од 2016-та, Анџелик Кербер и шампионката од 2006-та, Марија Шарапова. Дополнително, од големите шампионки се очекува да настапат и поранешниот светски рекет број 1, двократната шампионка на Австралија опен, Викторија Азаренка, двократната гранслем-победничка Гарбине Мугуруза, шампионката на Австралија опен лани, Каролина Вознијацки, како и победничката на Ролан Гарос во 2017 година, Јелена Остапенко.