Вкупниот награден фонд на гранслем-турнирот во Вимблдон годинава е 42,47 милиони евра, од тоа победниците во двете конкуренции ќе добијат по 2,63 милиони евра (лани 2,51 милиони)

На терените на сеанглискиот тениски клуб во Лондон, во Вимблдон, сѐ е подготвено за почетокот на 133-то издание (се игра од 1877 година) на најстариот и еден од најпрестижните и најгламурозни тениски турнири во светот. Двонеделните возбудувања на Вимблдон од понеделник се очекува да ги проследат над 500.000 гледачи во живо (39.000 е капацитетот на сите терени) и десетици милиони покрај ТВ-приемниците низ светот.

Новина на Вимблдон годинава е тоа што и теренот број 1 (капацитет од 12.345 места) доби подвижен покрив што чинеше 80 милиони евра. Тоа значи дека и на него, како и на централниот терен (има подвижен покрив од пред 10 години) ќе можат да се играат натпревари без оглед на временските услови (дожд), почнувајќи од 14 часот па до полноќ. Од другите гранслем-турнири покриени терени имаат Мелбурн (три) и Њујорк (два). Париз дури од следната година ќе го добие првиот покриен терен, централниот.

Организаторите внимаваат и на екологијата што значи дека, на пример, шишињата со вода ќе бидат направени од комплетно рециклирачки материјали.

Вкупниот награден фонд годинава изнесува 38 милиони фунти (42,47 милиони евра). Победниците во двете конкуренции ќе добијат по 2,63 милиони евра (лани 2,51 млн.), а поразените во финалето по 1,31 милион евра. Титулите од лани ќе ги бранат Србинот Новак Ѓоковиќ во машка и Германката Анжелик Кербер во женска конкуренција.

Како и секоја година, и оваа се очекуваат многу возбудувања, незаборавни мечеви и нови рекордни постигнувања. Швајцарецот Роже Федерер (37) на 21-от настап во низа ќе атакува на рекордната деветта титула. Според ждрепката, тој не ќе може да се сретне со четирикратниот победник Ѓоковиќ до финалето. Уште еден од фаворитите, Рафаел Надал (можен е полуфинален дуел со Федерер) ќе игра за третата титула во Вимблдон. Овие тројца тенисери победуваа на минатите 10 гранслем-турнири.
Кај жените прва носителка на турнирот е Австралијката Ешли Барти, победничката на Ролан Гарос годинава, прва Австралијка во ваква улога по 1973-та. Во најтесниот круг фаворитки се и Американката Наоми Осака, бранителката на трофејот Кербер, Каролона Плишкова од Чешка… 


Опремата мора да биде комплетно бела

Меѓу другите интересни работи на Вимблдон, кои го издвојуваат од другите тениски гранслем-турнири е и т.н. код за облекување, правило за облекување, воведено во 1963 година, кое налагало сите тенисер(к)и да бидат во облечени „претежно во бело“. Во 1995 година тоа правило било дополнето и оттогаш сите треба да бидат облечени „речиси комплетно во бело“. Доколку не го почитуваат тоа правило судиите имаат инструкции да побараат од нив да се пресоблечат. Американецот Андре Агаси поради ова правило не играше неколку години на Вимблдон. Во 2013-та Роже Федерер беше замолен да ги смени патиките затоа што подлогата била со портокалова боја.
На другите три гранслем-турнири кога станува збор за бојата на опремата ситуацијата е сосема поинаква и порелаксирана. Во Њујорк уште до 1972 година е дозволена повеќебојна опрема.