Ешли Барти ја совлада шампионката од 2008 година, Русинката Марија Шарапова, во три сета, со 4-6, 6-1 и 6-4, и се пласира во четврт-финалето на тенискиот гранслем-турнир во Мелбурн, Австралија опен. Таа е првата австралиска тенисерка меѓу најдобрите осум во Мелбурн, по Јелена Докиќ од пред десет години. Мечот во кој Барти имаше голема поддршка од трибините го следеа легендарниот Род Лејвер и премиерот на Австралија, Скот Морисон. Барти е единствената претставничка на Австралија во завршницата на турнирот.

Последна австралиска тенисерка победничка во Мелбурн била Крис О`Нил во 1978 година, прва и единствена таква титула за неа во кариерата. За Барти (22), 15-та фаворитка, која пред да му се врати на тенисот во 2016-та, професионално играла крикет, тоа е прв пласман меѓу најдобрите осум на еден гранслем-турнир во кариерата до кој дојде по 2,22 часа игра и откако го загуби првиот сет. За пласман во полуфиналето таа ќе игра против Петра Квитова од Чешка, која во два сета триумфира над Американката, 17-годишната Аманда Анисимова, 6-2 и 6-1, во меч што траеше 59 минути.