Македонската машка кадетска ракометна репрезентација со пораз го започна
настапот на Светското првенство за ракометари до 19 години што се одржува во нашата земја. Избраниците на селекторот Данило Брестовац го загубија дуелот со Аргентина (20-23) иако на полувреме имаа предност од четири гола (13-9) и контрола на резултатот на три минути до крајот од мечот.
Во неизвесната завршница, десниот бек Мартин Серафимов промаши седмерец и пропушти прилика за израмнување на 21-21, а мотивираниот аргентински тим го искористи падот во концентрацијата кај македонските кадети и забележа значајна победа на почетокот на Мундијалот. Десното крило Ненад Костески со шест гола беше најефикасен во македонскиот состав, четири гола постигна Серафимов, а три пати реализираше левиот бек Михајло Младеновиќ.
Утре за нашата репрезентација ќе биде слободен ден, а в четврток во дуелот од второто коло противник ќе им бидат врсниците од Нигерија. Во група Ц, победи забележаа селекциите на Бахреин кој со 36-28 ја победи Нигерија, како и Данска која со 30-23 славеше во дуелот со Јапонија.