Шахистите на Алкaлоид и Гамбит Асеко СЕЕ забележаа убедливи победи во 1-то коло на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах, кој во 7. кола се игра во х. „Изгрев“ во Струга. Алкалоид, кој е прворангиран тука, славеше со 5-1 против шведскиот претставник Лундс (рангиран 20-ти) со 5-1, загуби само ИМ Филип Панчевски на 6-та табла, додека Гамбит Асеко СЕЕ (рангиран 16-ти) со 5,5-0,5 го декласираше шведскиот клуб Васа (рангиран 35-ти), ремизираше само Антон Златков на 5-та табла. Значајна победа од 4-2 забележа и Прилеп (рангиран 17-ти) против Раика (рангиран 42-ри). Единствениот пораз кај македонските машки екипи од 0,5-5,5 го забележа Гостивар (рангиран 31-ви) од швајцарски Рихен (рангиран 12-ти).
Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.855, рангиран прв за турнирот), кој ќе ги брани боите на норвешкиот клуб Оферспил (рангиран осми пред ЕКК), не настапи во ова коло, поради настап на турнир во Норвешка каде го освои првото место, а неговото пристигнување е најавено за утре. Оферспил и без него славеше против холански Де Спренгер (рангиран 27-ми) со убедливи 5,5-0,5.
Ако Карлсен пристигне утре и игра, тогаш неговата екипа ќе ги одмери силите со Прилеп, а Карлсен со силниот индиски велемајстор Гукеш (2.599). Сите фаворити за највисок пласман забележаа победа во ова коло.
Кај шахистите пак, кои партиите ги играат во х. „Дрим“ во Струга на четири табли, дуелот помеѓу македонските екипи МШК Центар од Скопје (рангиран 5-ти) и Куманово (рангиран 8-ми), му припадна на Куманово со 2,5-1,5, благодарение на победата на Надја Тончева против Елиф Мехмед. Екипата на Алкалоид (рангирана 4-та), која за првпат настапува во женска конкуренција, загуби од словенечки Тајфун (рангиран 7-ми) со 1,5-2,5. Дербито на првата табла помеѓу најголемите фавотити за титулата, Монте Карло (рангиран 1-ви) и украински ГРЕКО (рангиран 2-ри), заврши без победник 2-2. Сите четири партии завршија со реми.
На ЕКК, во машка конкуренција се пријавени 38 клуба, со 277 шахисти, од нив 85 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ). Ова е третпат како се одржува ЕКК во Македонија, по Охрид во 2009 и Скопје во 2015 година. Новите клупски шампиони ќе бидат познати по одиграни седум кола.
Г.И.