Синоќа во спортската сала во Куманово ракометарките на Куманово во рамките на првиот натпревар од елиминационите натпревари од европскиот ЕХФ Куп ја совладаа екипата на Славија од Прага со 27:23 (15:11) со што денеска во вториот натпревар кој повторно го играат на домашен терен ке влезат со позитива од 4 гола разлика.
Што се однесува пак синоќешниот натпревар тој освен на почетокот кога домашните ракометарки го почнаа натпреварот несигурно и со малку трема гостинските ракметарки од Чехословачка во првите 5-6 минути на два пати имаа водство од 1:3 (3мин.) и 3:5 (6мин.) останатиот дел им припадна на ракометарките на Куманово кои во продолжението имаа целосна контрола врз играта и врз резултатот па на крајот сосема заслужено стигнаа до многу значајна победа од 27:23.
Меѓутоа ракометарките на Куманово до победата на синоќешниот натпревар не стигнаа така лесно бидејќи гостинките од Прага во последните петнаесетина минути кога имаа негатива од 7 голови (22:15) покажаа дека сепак и тие имаат свој карактер и свој квалитет и со серија од 6 голови во низа се доближија на негатива од само 1 гол (22:21) по што во последните 10 минути домашните ракометарки се созедоа и резултатски повторно се вратија во играта и на крајот заслужено победија. Овој натпревар го одбележаа двете домашни ракометарки Медеа Чокели и Ангела Јанкуловска кои на синоќешниот натпревар заедно постигнаа дури 19 голови со што воедно беа и главните креатори на победата на ЖРК Куманово. Мал хендикеп на
синоќешниот натпревар за екипата на ЖРК Куманово беше и изненадувачки малата посетеност на натпреварот ако се има предвид податокот дека моментно оваа екипа е најуспешната спортска екипа во градот.
Најефикасни ракометарки на синоќешниот натпревар кај ЖРК Куманово беа Медеа Чокели со 10 и Ангела Јанкуловска со 9 голови додека пак кај гостинките од Прага, Адриана Мисова со 7 и дури пет останати ракометарки со по 3 постигнати голови. Вториот натпревар од овој двомеч ќе се одигра вечерва исто така во Куманово а во него екипата на ЖРК Куманово официјално ќе настапи како гостин со големи шанси за уште еден успешен резултат и пласман во наредното коло од ЕХФ Купот.
Т.Д.