По првиот турнир во Премиер-лигата, Арсовски, Крстевски и Мојсовска забележаа најголем напредок на ранг-листата за настап на ЛОИ 2020, а засега највисоки пласмани имаат Јакупи, Исмаил и Стефановска
Македонските каратисти Жарко Арсовски, Виктор Крстевски и Ангела Мојсовска, сите во борби, забележаа најголем напредок на постојната ранг-листа за настап на ЛОИ 2020 во Токио, по првиот турнир (од предвидените седум) во Премиер-лигата во Париз, кој се бодува за ЛОИ. Арсовски (категорија над 75 кг) со седмото место и освоените 165 бода сега има вкупно 180 и од 282-то рипна на 125-то место. Крстевски (над 75 кг) од 282-то место со новоосвоените 75 бода (сега има 90) се искачи на 165-то место, а Мојсовска (над 61 кг) со деветтото место и новите 105 бода скокна за 120 места и сега е 125-та.
Најдобри пласмани засега имаат Берат Јакупи, 34-то место со 570 бода, Азиз Исмаил 35-то со 420 и Наташа Стефановска 38-то со 375 бода. Другите македонски каратисти, кои фигурираат на оваа листа, се со незначителни подеми или падови по турнирот во Париз. Сепак, ако се има предвид дека во Токио, каде што првпат се воведува каратето, ќе има по три дисциплини (мажи до 67, до 75 и над 75 кг и жени до 55 кг, до 61 кг и над 67 кг) плус кати, а на ЛОИ ќе можат да настапат најмногу по 10 каратисти по категорија, може само да се замисли каков тежок пат ги очекува каратистите за да стигнат до татамите во Токио. Трката по бодови продолжува, а секој настап ќе биде драгоцен на другите турнири што ќе следуваат во Премиер-лигата, Серија А, ЕП, Европските игри во Минск, квалификациските турнири…