Марко Стоилковски од Куманово стана државен шампион за тенисери до 16 години

Тој на отвореното државно тениско првенство што во изминатите неколку дена се
одржа на терените на ТК Југ во Скопје во конкуренција на 16 тенисери од генерацијата (У16) успеа да биде најдобар со што ја освои титулата – државен шампион.

Имено дека во случајот со кумановскиот тенисер Марко Стоилковски (кој во
моментот е член на ТК Тенис Парк од Скопје) станува збор за исклучително талентиран и надежен тенисер говори и податокот што тој иако во моментот има само 13 години успеа да победи на државното првенство за тенисери од генерацијата У16 каде што во финалето го совлада тенисерот од ТК Југ од Скопје, Маљ Агуши со резултат од 2:0 (7:6 и 6:3).

Голем предизвик а можеби и еден од клучните моменти во понатамошната тениска
кариера на младиот кумановски тенисер ќе биде неговото учесто на Европското
првенство за тенисери од Источна Европа од генерацијата до 14 години (У14) што ќе се одржи од 04 до 16 март во градот Анталија (Република Турција) а на кое што европско првенство ќе настапат 32 тенисери од вкупно 16 држави од Источна Европа.

Што се однесува пак до меѓународното искуство на младиот кумановски тенисер
Марко Стоилковски тој во неговата досегашна кариера има учествувано на
повеќе меѓународни тениски турнири за тенисери од неговата генерација како што се
турнирите во Анталија, Белград, Софија, Тирана, Тел Авив, Копар, Пореч и Улцињ каде има остварено забележителни резултати.
Т.Д.