Мозокот на кучињата е многу помал од мозокот на волкот, но новото истражување сугерира дека современото одгледување придонело за зголемување на неговата релативна големина. Имено, во споредба со древните кучиња, модерните раси, кои се развиле во последните 150 години, имаат поголеми черепи во однос на големината на телото. Научниците сè уште не знаат зошто.
Голем број претходни студии покажаа дека припитомувањето на дивите животни, како што се кучињата, свињите, говедата, овците, зајаците и мачките, драматично ја намалува нивната релативна големина на мозокот. Се претпоставува дека причината за ова е помалата употреба на виугите на мозокот за да се смислат начини за преживување. Меѓутоа, се чини дека ова не е случај за сите домашни миленици.
Кога експертите ги споредиле черепите на 159 раси на кучиња, вклучувајќи и некои волци, откриле нешто неочекувано. Додека големината на мозокот на волкот беше 24 проценти поголема од онаа на кучето со слична големина, колку е генетски поразлична расата од волкот, толку е поголем нејзиниот мозок. Резултатите сугерираат дека современото размножување во последните 150 години предизвикало скромен когнитивен развој кај кучињата.
– Кучињата живеат на различни нивоа на социјална сложеност и извршуваат сложени задачи, кои веројатно бараат поголем мозочен капацитет – вели еволутивниот биолог Никлас Колм од Универзитетот во Стокхолм во Шведска, пренесува „Сајенс алерт“.
Колм и неговите колеги најпрво претпоставија дека некои кучиња, кои луѓето ги одгледувале за посложени задачи, како што се за стадо или лов, развиле релативно поголем мозок. Сепак, тоа не беше случај. Наместо тоа, единствениот фактор што се чинеше дека влијаеше на релативната големина на мозокот на модерните раси беше нивната генетска различност со волците.
– Можеби покомплексната социјална средина, урбанизацијата и адаптацијата на повеќе правила и очекувања ја предизвикаа оваа промена, која влијае на сите модерни раси – шпекулира етнологот Енико Кубињи од универзитетот „Еотвос Лоранд“ во Унгарија.
Ова е во согласност со хипотезата за социјалната интелигенција, идејата дека мозокот може да еволуира за да се приспособи на посложени општествени средини.