Животни
Според едно истражување, лабрадорите, една од најпопуларните раси, често се соочуваат со дебелина поради генетска мутација што го зголемува нивниот глад и го намалува согорувањето на калориите. Околу 25 отсто од лабрадорите ја носат оваа генетска предиспозиција, што ги прави особено подложни на дебелина. Генетската мутација, позната како POMC, доведува до постојан глад и намалено согорување калории. Во истражувањето учествувале 87 здрави или умерено дебели лабрадори, а резултатите покажале дека кучињата со оваа мутација имале поголема желба за храна, што го отежнувало одржувањето на виткоста.
Ветеринарите имаат неколку совети за одржување на витката линија на овие кучиња: поактивна игра и прошетки, избегнување дополнително хранење со остатоци од храна, диета, фокус на играта, а не на храната.
– Покажавме дека лабрадорите со оваа генетска мутација секогаш бараат храна, обидувајќи се да го зголемат своето внесување енергија. Многу е тешко да се одржуваат овие кучиња витки, но и тоа е можно – вели д-р Елеонор Рафан од Универзитетот во Кембриџ.
Ветеринарите предупредуваат на сериозни здравствени проблеми поврзани со дебелината кај кучињата, вклучувајќи артритис, дијабетес и срцеви заболувања. На сопствениците им се препорачува да внимаваат на тоа повеќе да си играат со милениците, а помалку да ги хранат, односно да ја контролираат исхраната, да обезбедуваат редовни прошетки.
– Овие кучиња имаат тенденција да се прејадуваат затоа што побрзо огладнуваат помеѓу оброците отколку кучињата без мутација. Сите сопственици на лабрадори и ретривери треба да внимаваат со што ги хранат овие високомотивирани кучиња за да ја задржат нивната здрава тежина – вели д-р Рафан.