Една нова студија од Државниот универзитет во Охајо покажа дека населбите со повеќе кучиња имаат тенденција да пријавуваат помалку криминал.
Ако сакате да најдете безбедна населба за живеење, изберете место каде што жителите си веруваат еден на друг, но имаат и многу кучиња за домашни миленици, сугерира новото истражување, кое беше објавено во списанието „Соушл форсис“.

Во една студија спроведена во градот Колумбус, истражувачите открија дека населбите со повеќе кучиња имаат пониски стапки на убиства, грабежи и, во помала мера, тешки напади во споредба со областите со помалку кучиња, барем кога жителите исто така имаат високо ниво на доверба еден во друг.

Резултатите сугерираат дека луѓето што ги шетаат своите кучиња придонесуваат за повеќе луѓе на улица, што може да го обесхрабри криминалот.
– Луѓето што ги шетаат своите кучиња во суштина патролираат во нивните населби. Тие гледаат кога работите не се во ред и кога има сомнителни аутсајдери во областа. Тоа може да биде пречка за криминалецот – вели Николо Пинчак, водечки автор на студијата и докторанд по социологија на Државниот универзитет во Охајо.

Според коавторот на студијата, Кристофер Браунинг, социолозите долго време теоретизирале дека комбинацијата на меѓусебна доверба и локален надзор меѓу жителите на една населба може да ги одврати криминалците.