Здрава храна
Големо глобално истражување покажува дека ултрапреработената храна има штетно дејство врз секој главен орган во телото. Најсеопфатниот научен преглед досега предупредува дека ултрапреработената храна (УПХ) претставува сериозна закана за глобалното здравје и благосостојба. Три нови труда откриваат дека исхраната богата со УПХ го зголемува ризикот од најмалку дванаесет болести – вклучувајќи дебелина, дијабетес тип 2, срцеви заболувања и депресија – и е поврзана со значителен ризик од предвремена смрт.
Ултрапреработената храна – како што се готовите оброци, житарките, протеинските плочки, газираните пијалаци и брзата храна – сè повеќе ја заменува свежата храна кај децата и возрасните. Во Велика Британија и во САД повеќе од половина од просечната исхрана се состои од овие производи, а за најранливите групи овој удел достигнува 80 отсто. Во анализа на 104 долгорочни студии, дури 92 покажаа зголемен ризик од развој на хронични заболувања или смртност од сите причини кај оние што консумираат најмногу УПХ.
Проф. Карлос Монтеиро од Универзитетот во Сао Паоло, еден од авторите на серијата, вели дека резултатите бараат итен одговор:
– Првиот труд во оваа серија покажува дека ултрапреработената храна му штети на секој главен органски систем во човечкото тело. Доказите силно сугерираат дека луѓето не се биолошки приспособени на нивната потрошувачка – вели тој.
Тимот на Монтеиро исто така разви нова класификација на храна, која ја става УПХ во четвртата, најпроблематична категорија – индустриски произведени производи со адитиви, емулгатори, вештачки ароми и бои, обично многу вкусни и богати со калории, но нутритивно сиромашни.































