Техно

Научната заедница деновиве е фокусирана на вселената, каде што во моментов се одвива сложена операција за расклопување на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“.
Тој направи исклучително добра работа со лансирање и корекција на траекторијата, па натовареното гориво ќе му овозможи да работи подолго од планираните 10 години. Сепак, иако продолжен, неговиот животен век сѐ уште е ограничен, па научниците веќе бараат што би можело да го замени.
Според плановите на НАСА, кои постојат веќе неколку години, сè што е научено во развојот на склопливиот вселенски телескоп „Веб“ ќе може да се користи за изградба на неговиот наследник. Засега живее само како концепт под работното име ЛУВОИР (Large UV/Optical/IR Surveyor). Како што сугерира името, овој телескоп би требало да има можност за снимање на вселената во многу широк опсег на светлина, од инфрацрвена до ултравиолетова, а неговите главни мисии би биле да бара планети погодни за живот надвор од Сончевиот Систем, подетално проучување на планетите и сателитите и разјаснување на нови детали за потеклото на универзумот и формирањето на првите галаксии.
Конструкцијата на телескопот би овозможила повеќе негови варијанти да се изведуваат на исти принципи, во вселената би орбитирал и околу Лагранжовата точка Л2, но, за разлика од „Веб“, планот е ЛУВОИР да биде целосно „поправлив“, т.е. идните мисии да можат да го продолжат неговиот животен век и да додадат нови можности.