Техно

Компанијата „Рејзер“ конечно ја претстави својата пренослива рачна конзола за игри наречена Еџ. Станува збор за андроид-конзола што изгледа уште подобро отколку кога првпат ја видовме во декември 2021 година. Еџ ќе биде достапна како вај-фај верзија од јануари следната година, додека верзијата 5Г ќе пристигне малку подоцна.
Конзолата Еџ е дизајнирана за пренос на игри преку Иксбокс клауд гејминг или услугата ЏиФорс нау на „Нвидиа“. Од „Рејзер“ велат дека финалната верзија на Еџ поддржува до 144 фпс преку апликацијата Стим линк при локално проследување игри на компјутер. Конзолата користи оперативен систем андроид 12 и процесор Г3Х Ген 1 на Квалком, а неговиот 6,8-инчен екран може да се откачи од контролерот. Станува збор за контролерот Киши В2 про, понапредна верзија што вклучува хаптична технологија и вклучува 3,5 мм приклучок за слушалки. Овој контролер нема да биде достапен за купување одделно, барем не на почетокот, и ќе биде достапен само во пакет со Еџ.
Таблетот се издвојува со своите спецификации, тој е 6,8-инчен ФХД плус (2.400 x 1.080) ОЛЕД-екран со брзина на освежување од 144 херци. Покрај гореспоменатиот процесор Г3Х Ген 1, кој Квалком го нарекува Гејминг платформ, конзолата има осум гигабајти ЛПДДР5 РАМ, што би требало да ја направи брза, како и 128 гигабајти внатрешна меморија. Исто така, поддржува блутут 5.2 за поврзување слушалки, како и поврзување со вај-фај 6Е што ја прави компатибилна со некои од најбрзите достапни рутери како што се Нест вај-фај про на „Гугл“, ееро про 6E и други.