Техно
Истражувачите од универзитетот „Хериот-Ват“ во Единбург триумфално објавија дека создале робот со вештачка интелигенција што е научен да ги „отстранува“ своите жртви со неверојатна прецизност со смртоносен ласер. Иако некој може да се запраша дали овие роботи го претставуваат првиот чекор кон апокалиптичен свет каде што роботите убиваат луѓе – можете да бидете спокојни. Роботот со вештачка интелигенција е научен да убива лебарки.
– Ако можете да убиете лебарка, можете да убиете секаков натрапник – рече водачот на проектот, Илдар Рахматулин.
Принципот, всушност, е многу едноставен. Уредот се состои од мал компјутер, две камери и ласер од 1.600 миливати. Камерите во комбинација со компјутерот користат „машински вид“ за да ги забележат и да ги идентификуваат, а потоа да ги елиминираат лебарките.
Според досегашните испитувања, ова би можело да биде поеколошко решение отколку хемиски средства за елиминирање бубачки. Сепак, научниците што стојат зад роботите со вештачка интелигенција истакнуваат дека сè уште има простор за подобрување. Така, следниот чекор е да го научат роботот да се насочува на одреден дел од бубачката. Поточно нејзиниот стомак, за да се увери дека навистина е елиминирана.
Иако теоретски роботот би можел да функционира и во домашна средина, Рахматулин засега не го препорачува. Имено, ласерот што се користи може сериозно да го оштети видот. Додека научниците не го решат овој мал проблем, сите оние што имаат проблем со лебарките во својот дом ќе мора да се свртат кон традиционалните средства.