Техно

„Њујорк тајмс“ стана сопственик на популарната игра со зборови „Вордл“, пренесе „Би-би-си“.
Бесплатната, едноставна и многу популарна игра ја креира софтверскиот инженер Џош Вардл, а се појави во октомври минатата година и сега има милиони обожаватели, односно играчи. Сумата што ја одвои „Њујорк тајмс“ за купување на играта не е објавена, но се знае дека е седумцифрена сума.
Вардл изјави дека успехот на играта ги надминал очекувањата и дека е исклучително задоволен од постигнатиот договор со „Њујорк тајмс“. Оваа американска медиумска куќа ќе продолжи да ја нуди играта „Вордл“ целосно бесплатно.
„Вордл“ секојдневно претставува нови предизвици со загатки, а задачата на играчот е да пронајде збор од пет букви во шест обиди. Исто така, играчите можат да ги споделат своите резултати на социјалните мрежи, но на начин што не им ја расипува забавата на оние што сè уште ја играат играта.