Фото: Пиксабеј

Техно

Кога ќе ги погледнеме последните десет години, повеќе од очигледно е дека светот на технологијата е подготвен за брз раст и развој. Од вештачката интелигенција (ВИ) до обновливите извори на енергија, се чини дека технолошкиот напредок во не толку далечна иднина би можел длабоко да ги преобликува нашите животи. Постојат неколку клучни трендови и технологии што би можеле значително да влијаат на светот во наредната деценија. Меѓу првите работи што се издвојуваат е вештачката интелигенција, која повеќе не е ограничена само на научнофантастичните филмови. Таа станува сеприсутна во човечките животи, па не би било чудно што таа ќе зафати повеќе аспекти на нашиот свет, од автономно возење автомобили и персонализирана здравствена заштита до подобрена услуга за клиенти и паметни домови. Се очекува вештачката интелигенција да придонесе до 15,7 трилиони долари во глобалната економија до 2030 година.
Меѓу истакнатите технологии е и 5Г-мрежата, поставена да го промени начинот на кој се поврзуваме и комуницираме. Со постојано зголемување на брзината и помала латентност, односно пократко време на чекање за сигнал, 5Г може да овозможи воведување иновации како паметни градови и нови искуства и можности. Во последниве години се истакнува и итноста за решавање на климатските промени, на кои може да влијае и технологијата. Компаниите веќе инвестираат сѐ повеќе во зелени технологии, како што се електрични возила или обновлива енергија.
Според извештајот на „Гранд вју рисрч“, минатата година вредноста на глобалниот сектор за обновлива енергија била проценета на 1,21 трилион долари, а проекциите покажуваат дека во следните седум години употребата на обновлива енергија треба да се зголеми за 17,2 отсто.