Техно
Пред осум месеци, компанијата „ОпенАИ“, која стои зад ЧетГПТ, го ублажи своето ограничување поврзано со експлицитни содржини, наведувајќи дека „само сексуалната содржина што вклучува малолетници се смета за забранета“. Оваа промена претставуваше значително поместување од претходниот став, кој го забрануваше целиот сексуален материјал.
Корисниците, кои со месеци бараа од компанијата и од нејзиниот извршен директор Сем Алтман да ги ублажат ограничувањата, ја поздравија одлуката. Сепак, наскоро следуваше разочарување, бидејќи самиот модел не се приспособи на новите правила.
– Филтрите малку попуштија, тоа ќе ви го признаам, но од пред еден месец, се вратија со паметен трик – затемнување, и повлекуваат јасна црта при спомнување експлицитни сцени – напиша еден огорчен корисник на форумот на ОпенАИ-заедницата.
Се чини дека сега тие корисници конечно ќе го добијат тоа што го побарале. Според извештаи од настанот „ДевДеј 2025“ на „ОпенАИ“, фирмата објави дека наскоро ќе ги отвори вратите за „апликации за возрасни“, веднаш штом ќе се воведе долгоочекуваниот систем за проверка на возраста на корисниците. Оваа стратегија носи со себе и причини за загриженост. „Грок“ на Илон Маск е злогласен пример за она што може да се случи кога на вештачката интелигенција ќе ѝ се дозволи експлицитна содржина – наскоро стана прибежиште за експлоатација и несоодветни АИ-генерирани слики на деца. Во меѓувреме, помалку познатите АИ-системи доведоа до епидемија на штетни видеа и фотографии уредувани со помош на вештачка интелигенција (дипфејк) што прикажуваат вистински луѓе во експлицитни ситуации без нивна согласност. Додека останува да се види како ќе се снајде ЧетГПТ во својата возрасна ера, ова не е првпат корисниците да забележат јаз помеѓу она што „ОпенАИ“ го вели и она што го прават неговите јазични модели.


































