Фото: Пиксабеј

ЧетГПT, четбот на „Опен АИ“, е една од најпопуларните алатки за вештачка интелигенција во светот, која привлекува зголемено внимание на јавноста од нејзиното лансирање во 2022 година. Дека популарноста на оваа вештачка интелигенција не опаѓа, открива и фактот дека ЧетГПT ја надмина бројката од 200 милиони активни корисници на неделно ниво.

Како што потврди портпаролот на „Опен АИ“ за „Аксиос“, бројката од сто милиони неделни корисници, која оваа вештачка интелигенција ја забележа во ноември 2023 година, сега е двојно зголемена и надминува двесте милиони. Исто така, како што тврди компанијата, дури 92 отсто од компаниите на листата на „Форчн 500“ користат производи на „Опен АИ“.

Во споредба со јули годинава, двојно е зголемена и употребата на ЧетГПT АПИ, благодарение на моделот ГПТ-4o мини, кој е значително поевтин и поспособен од неговиот претходник ГПТ-3.5.
– Луѓето ги користат нашите алатки како дел од нивниот секојдневен живот, правејќи опиплива разлика во областите како што се здравството и образованието – без разлика дали тоа е помагање во рутински задачи, решавање сложени проблеми или отклучување на креативноста – рече извршниот директор Сем Алтман.

Иако бројот на активни корисници е веќе импресивен, „Опен АИ“ може да очекува дополнителен прилив на нови до крајот на годината. До крајот на годината „Епл“ ќе им овозможи на корисниците на уредите од серијата „ајфон 16“, како и на сопствениците на моделите „ајфон 15 про“ и „ајфон 15 про макс“, пристап до ЧетГПT преку асистентот Сири.