Што друго ќе се измисли што ќе биде „паметно“?
Сите научнофантастични филмови што ги гледавме како мали, работите што беа прикажани во нив како самоврзувачки патики, следење на здравствената состојба преку облеката што ја носиме или плаќање без картичка, сега се можни. Некако, технологијата од научнофантастичните филмови, во оваа ера станува реалност. Порано само посакувана, а сега, со нејзиното развивање и усовршување, полека но сигурно станува реалност, за да ни го олесни животот.
Се сеќавате ли на ликот Марти Мекфлај, кој го глумеше Мајкл Џеј Фокс во филмот „Назад кон иднината дел 2“ од 1989 година? Се сеќавате дека имаше самоврзувачки патики? Е па, компанијата „Најки“ во 2016 година издаде ограничен број парчиња обувки наречени „најки маг“, инспирирани од овој филм. Иако овие патики не беа баш како на филмот, затоа што не се стегаат сами кога ќе ги обуете туку се стегаат со притисок на копче што е вградено во нив. Овој концепт во 2019 година отиде чекор понатаму, односно истата компанија создаде нови патики, чии врвки се стегаат или опуштаат преку мобилна апликација. „Најки адапт“ се новите патики што можат да се контролираат преку паметен телефон. Патиките се дизајнирани за играње кошарка и можат да бидат програмирани да запамтат различен степен на приспособување. Тоа значи дека играчите можат во одредени ситуации со едноставен клик да го променат приспособувањето во различни ситуации. Наедно, ќе биде потребно патиките да се полнат со електрична енергија, а тоа ќе биде овозможено преку подлога за напојување. Досега само неколку НБА-ѕвезди ги имаат пробано патиките, но тие сѐ уште не се појавени во продажба. Од 17 февруари ќе се појават на пазарот и ќе чинат 350 долари.
Освен паметни патики, на пазарот се појави и паметна облека. Поголемиот дел од облеката во која се инкорпорира технологија е онаа облека што се користи за вежбање. Има разни производители што нудат разни детали, од читање на отчукувањата на срцето и ритамот на дишење до следење на мускулната активност и многу други работи поврзани со вежбовните активности. Од друга страна, има и такви компании што се насочуваат кон облеката што ја користиме секој ден. Се вградуваат сензори и апарати што нѐ поврзуваат со нашиот паметен телефон, при што може да се одговори на телефонски повик, да се слуша или прекине музика со едноставен допир на копче од облеката.
Од друга страна, пак, холандската банка АБН амро воведува паметни часовници, белезици и прстени со кои ќе може да се плаќаат одредени услуги. Амро сега можат да ги поврзе своите модни додатоци со уреди што ќе им овозможат плаќање преку банкарска сметка. Исто така можат да вршат трансакции со повисока вредност надвор од границите без контакт, со внесување пин на местото на продажба. На веб-страницата на Амро има производи и линкови до веб-продавниците каде што клиентите можат да купат модни додатоци што доаѓаат со сертифицирани мастеркард-чипови. Производот им го доставуваат до нивниот дом, а веднаш по активирањето на опцијата за интернет-банкарство може да се користи бесконтактна исплата, велат од Амро.
– Бесконтактното плаќањето со модните додатоци не се разликува од бесконтактното плаќање со картичка. Треба само да се држи модниот додаток блиску до апаратот за да го прочита чипот. За купување над 25 евра треба да се внесе пин – велат од Амро.
По успешниот дванаесетмесечен тест-период, во кој биле вклучени 500 луѓе, сега Амро овие услуги им ги нуди на сите свои холандски клиенти. Резултатот од истражувањето беше убедливо позитивен, со тоа што 80 проценти од учесниците претпочитаат модни додатоци наместо редовната банкарска картичка.
Сите овие работи порано беа незамисливи, невозможни. Нешта што можат да се замислат само во соништата. Но со напредната технологија и новите концепти што го опкружуваат современиот човек, чекор по чекор реалноста почна да го стигнува сонот. Со сите овие можности и новитети што се појавуваат и пополека се проткајуваат во човековиот живот, стануваат реалност што ја живееме, а почнува да ја допира иднината што можевме само да ја замислиме.