Фото: Пиксабеј

Д-р Арта Исени Хасани

Бременоста е еден од најважните периоди во животот на жената, кој бара посебно внимание кон здравјето, особено кон исхраната и потребата од додатоци во исхраната- суплементација.
Начинот на исхрана на трудницата има директно влијание врз здравјето и развојот на плодот, како и врз нејзиното физичко и ментално здравје.
Здрава, урамнотежена и разновидна исхрана за време на бременоста овозможува внес на сите потребни хранливи материи, витамини и минерали. Ова вклучува зголемен внес на овошје, зеленчук, интегрални житарки, млечни производи, месо, риба, јајца и здрави масти. Важно е трудниците да внесуваат доволно протеини, јаглехидрати и масти за да се обезбеди нормален раст и развој на фетусот, како и за одржување на енергијата и здравјето на мајката.
Во текот на бременоста, енергетските потреби се зголемуваат, особено во вториот и третиот триместар. Покрај тоа, трудниците имаат зголемени потреби од одредени витамини и минерали, како што се:
• фолна киселина,
• железо,
• калциум,
• јод
• и витамин Д.

Фолната киселина е особено важна во првите недели од бременоста бидејКи помага во спречување на дефекти на невралната цевка кај фетусот. Железото е потребно за создавање на дополнителни црвени крвни зрнца, а калциумот е важен за развојот на коските и забите на бебето.
Бидејќи не секогаш е можно сите овие потреби да се задоволат само преку исхрана, се препорачува суплементација, но исклучиво под надзор на лекар. Погрешна или прекумерна употреба на суплементи може да има негативни поселдици. Затоа, редовните прегледи и лабораториски анализи се неопходни за навремено утврдување на евентуален недостаток и соодветна корекција.
Дополнително, трудниците треба да внимаваат на внесот на течности, да избегнуваат алкохол, цигари и преработена храна со многу шеќери и заситени масти. Исто така, треба да се ограничи внесот на кофеин и да се внимава на безбедноста на храната (на пример, да се избегнуваат сурови или недоволно термички обработени производи).
Заклучно, правилната исхрана и соодветната суплементација се клучни за здрава бременост и нормален фетален развој. Тие придонесуваат за намалување на ризикот од компликации и за обезбедување на добар почеток во животот на новороденчето. Советувањето со здравствен работник, особено гинеколог и нутриционист, е неопходно за секоја трудница кор сака да се грижи за себе и своето
бебе на најдобар можен начин.