Стресот е честа појава на работното место и, освен што не прави напнати, води и до непродуктивност, отсуства од работа… Со д-р Емилија Христовска, специјалист по медицина на труд во „Прима-Мед“ разговараме како да се препознае стресот, како да се спречи или кога веќе се соочуваме со него, како да се справиме со стресните ситуации
Стресот поврзан со работа е состојба на емоционални, бихејвиорални (промени во однесувањето) и физиолошки реакции на неповолни аспекти на работните задчи, работната организација и работната околина. Околу половина од европската работна популација смета дека стресот е честа појава на нивното работно место. Приближно секој четврти работник е погоден од последиците на стресот на работното место. Стресот е причина за 50-60 отсто од вкупните отсуства од работа.
Кога се јавува стрес на работното место?
-Стресот настанува кога барањата на работното место не се во согласност со можностите, ресурсите и потребите на работникот односно кога ќе се појави дисбаланс помеѓу барањата и ресурсите со кои располага и кои се ставени на располагање.
Според истражување на јавното мислење во Европа, спроведено од Европската агенција за безбедност и здравје на работа (EU-OSHA), една половина од работната поулација изјавиле дека стресот на работното место е вообичаена појава. Како најчести причини за таков вид на стрес се наведуваат: реорганизација на работата, несигурност на работното место, зголемен обем на работа и вознемирување или насилство на работа. Значајни услови на работа што може да доведат до појава на стрес се: големо работно оптоварување, долго работно времe, недоволно учество во донесување на одлуки, нарушени интерперсонални односи, недостиг на поддршка и помош од соработниците и менаџментот, премногу одговорности, несигурност на работното место, недостиг на можност за напредување, несоодветни услови на работното место. Особено се важни и условите во самото работно опкружување во кое работниците ќе бидат мотивирани за вршење на работата на најдобар можен начин, односно доброто психоцијално опкружување кое ја подобрува ефективноста во работата, личниот успех, а со тоа и психичкото и физичкото здравје.
Кои се симптоми за стрес на работното место?
-Симптомите на стресот може да имаат влијание врз организацијата на работата и да се манифестираат со: зголемување на отсуство од работа, зголемување на флуктуацијата на работниците, намалена продуктивност, зголемување на бројот на грешки, зголемување на повреди на работа. Последиците од стресот на работното место на индивидуално ниво се манифестираат со: емоционални реакции (иритабилност, анксиозност, проблеми со спиењето, депресија, отуѓување ), когнитивни реакции (тешкотии во концентрацијата, меморијата, тешкотии при донесување на одлуки), промени во однесувањето (зависност од алкохол, тутун, деструктивно однесување), физиолошки реакции (мускуло-скелетни нарушувања, намален имунитет, проблеми со кардиоваскуларниот систем и хипертензија, гастричен улкус и други психосоматски заболувања), како и со синдромот на согорување (burnout syndrome).
Како да се препознае синдромот на согорување?
-Синдромот на согорување е пролонгиран одговор на хроничен емоционален и интерперсонлен стрес на работното место и се опишува како процес при кој кај вработениот се јавува чувство на прогресивно влошување на заморот и чувство на губење на енергијата. Во клиничката слика на синдромот на согорување се издвојуваат три компоненти. Компонентата „исцрпеност“ се однесува на чувство на испразнетост на емоционалните и физичките снаги на индивидуата. Компонетата „цинизам“ или деперсонализација претставува димензија на интерперсоналните релации и се однесува на негативниот, неосетлив и крајно рамнодушен став кон различни аспекти на работата. Компонентата „намалена ефикасност“ или редукција на личен успех се однесува на чувството на некомпетентност и недостиг на продуктивност и успех на работното место.
Како да се превенира стресот на работното место?
-За да се избегнат или да се намалат несакните ефекти од стресот на работното место неопходно е да се преземаат соодветни превентивни мерки од самите работници. Тоа подразбира работниците да побараат поголема одговорност во планирањето на сопствента работа, да побараат да бидат вклучени во донесување на одлуки во нивното поле на работа, да разговараат со претпоставените доколку нивните работни одговорности не се јасно дефинирани и да укажат доколку се соочуваат со вознемирување или насилсво на работното место. Програма за превенција на стрес се однесува на преземање на мерки за идентификација на проблемот со вклучување на претпоставените и менаџментот во обезбедување на решение и соодветна поддршка преку одржување на групна расправа со врботените, разгледување на забелешките на вработените за условите на работа, стресот, здравјето и работната сатисфакција.
Како да се справиме со стресот на работното место?
-Доколку се соочувате со стрес на работното место, разговорот е најдобар антидот за него. Разговор со лице што ќе ве сослуша и разбере е еден од од најбрзите начини за ослободување од стресниот момент. Се препорачува да имате добра комуникација со ваште колеги и сорботници за да се создадат добри интерперсонални односи на работното место. Исто така, треба да се даде вредност на она што го работите односно да се фокусирате на оние аспекти од работата кои ви причинуваат задоволство за да се изгради позитивен став кон работата. Добро е да се направи баланс помеѓу работата и приватниот живот односно слободното време да се исполни со активности кои ве прават среќни и задоволни и тоа во кругот на семејството или со пријателите. Значајна превентивна мерка за справување со стресот е и здравиот начин на исхрана при што се препорачува редукција на јаглено хидрати и масти во исхраната, зголемен внес на омега масни киселини, физичка активност и тоа најмалки 30 минути секојдневно, да се избегнува пиење на алкохол и пушење. Со превенција на стрес на работното место се стасува до поголема ефективност и продуктивност, поголем личен успех и психо-физичко здравје на работниците.