Фото: Пекселс

Автор: Д-р Ана Ѓорѓиоска, педијатар, детски кардиолог

Шумот на срце е прилично честа појава во педијатриската пракса, обично безопасна. Меѓутоа, кај родителите се создава страв, дека нивното дете има болно срце, односно има некаква срцева мана. Има ли причина за страв?

Моето дете има шум на срцето, дали е болно? За среќа најчесто не е така.
Се смета дека 50% од здравите деца имаат шум на срце. Со оглед на тоа што овој шум се слуша кај здрави деца, се вика функционален или физиолошки шум (во жаргон се нарекува шум на здраво срце). Најчесто се открива при инфекции (од било која природа), пропратени со температура. Овие шумови имаат специфични звучни карактеристики кои ги одвојуваат од шумовите кај болно срце (таканаречени органски шумови). Искусен педијатар е способен да направи разлика помеѓу физиолошки и органски шум на срце, па најчесто не им кажува на родителите веднаш дека нивното дете има шум. Обично почекува да помине инфекцијата па да направи сподредба на квалитетот и јачината на шумот. Ако е послаб или исчезнал, сигурно станува збор за физиолошки шум. Ама ако шумот е со ист интензитет детето се праќа на детски кардиолог. Во суштина променливоста е основната карактеристика за функционален шум. Шумот кај болно срце е главно појак по интензитет, и не се менува значајно со тек на времето.

Дали мора детето итно да се однесе на детски кардиолог?
Обично кога ќе дознаат дека нивното дете има шум на срце, родителите не би требало да паничат, затоа што од 1.000 деца со шум само 3-4 деца имаат некакво заболување на срцето. За да се осигураат и во потполност да се исклучи постоење на срцева мана најчесто вродена, потребно е родителите да се консултираат со детски кардиолог. Тој преглед не е итен, особено доколку детето нема никакви тегоби. Ова посебно важи за деца над две години. Тоа е така бидејќи во основа сите тешки вродени срцеви мани по правило се манифестираат во првите денови по раѓањето. Заради тоа е многу мала веројатноста дека детето на кое за прв пат лекарите му слушнале шум на 7 или 11 години има срцева маана.

Каков преглед треба да очекуваат родителите?
Задачата на детскиот кардиолог е освен клиничкиот преглед (аускултација – слушање на шумовите и звуците ) да направи и ЕКГ. После овој основен кардиолошки преглед има голема веројатност да се исклучи постоење на сериозна срцева маана. Постојат, пак, срцеви маани кои не мора да бидат следени со силен шум или сериозни тегоби. Заради тоа треба да се закаже и ултразвучен преглед (ехокардиографија). Ако после тој преглед се потврди дека се работи за функционален шум, односно срцето на детето е потполно здраво, испитувањето е завршено.

Дали е точно дека физиолошкиот шум ќе исчезне во пубертетот?
Точно е. На родителите треба да им се објасни дека кај нивното дете повремено ќе се слуша шумот некогаш појако, некогаш послабо, во наредните години или може и да исчезне, а дека дефинитивно ќе исчезне најдоцна до пубертетот. Тоа е така бидејќи тогаш градниот кош и мускулите на градите се многу развиени, срцето е подалеку од слушалката па тие тивки шумови не се слушаат повеќе.

Дали детето може да спортува?
Доколку детскиот кардиолог со сигурност исклучил постоење на срцева маана, детето е способно за нормални животни активности, вклучувајќи и тежок физички напор. Тоа може активно да се бави со спорт, без никакви проблеми, иако се слуша шум.

Дали мора детето да се носи на редовни контроли?
Кога еднаш се докаже дека нема вродена срцева маана (ехокардиографија), понатаму кардиолошки контроли не се потребни, освен, кај децата што се занимаваат со активен спорт, со натпреварувања.

Внимание: шумот на срце може да биде знак на болест
За жал иако се смета дека срцевите заболувања се јавуваат кај постари луѓе, одреден број на деца имаат болно срце. Најчеста причина за срцевите проблеми кај детската популација се вродените срцеви маани. Вродените аномалии на срцето се среќаваат почесто одошто кај било кој друг орган во телото. Скоро секое стото новородено има некоја од вродените срцевите маани. Шумот на срце често е прв знак на заболено срце кај овие деца. Но, тоа што треба да се знае е дека шумот на срце кај ваквите мали деца не секогаш се слуша веднаш по раѓањето. Најчесто се окрива по исписот од родилиште. Тоа може да биде на првиот контролен преглед во советувалиште, или пред редовната вакцина.

Не мора да го носам детето на кардилог бидејќи нема никакви тегоби?
Ова е една од најчестите заблуди. Неретко шумовите кај поединечни срцеви маани се многу тивки, а тегобите се отсутни, па се случува некои срцеви мани да се откријат на 10 или 12 години. Тогаш родителите стануваат недоверливи и не можат да го прифатат фактот дека нивното наизглед здраво дете има има вродена срцева мана која бара хируршка интевенција.

Што ако детето има вродена срцева мана?
Децата кај кои ќе се утврди вродена срцева маана мора детално да се испитаат, а можеби ќе им е потребна и медикаментозна или хирушка терапија. Прогнозата кај овие деца е различна. Еден одреден број на срцеви маани може да помине спонтано (не бараат хирушки третман), додека кај други срцеви маани потребно е операција, после која децата можат да водат релативно добар живот. Во третата група се најтешките срцеви маани кои бараат неколку операции, со неизвесен исход и долгорочни резултати (за среќа тие се најмалубројни).

Заклучок: Шумот на срце не е опасен, но треба да се испита
Најкраток одговор на прашањето „Дали има причина за страв?“ е дека шумот на срце кај децата најчесто не е знак на болно срце, ниту бара итна посета на детски кардиолог. Но, бара минимални иследувања.