Автор: Д-р Дорис Шејдоска
Себороичен дерматит е честа хронична и повторувачка дерматоза, која се карактеризира со црвенило и десквамација и се јавува на места каде што себацеалните жлезди се најмногу активни, како што се лицето, капилициумот. престерналната регија и наборите на кожата.
Оваа бенигна инфламаторна состојба може да биде асоцирана со псоријаза, да биде пред состојба на псоријазата или да биде присутна комбинација од промени – себоријаза.
Се карактеризираат две форми на себороичен дерматит, доенечка и адултна. Доенечкиот себороичен дерматит вообичаено се јавува од раѓање до 3 месеци и вообичаено поминува до година дена. Адултната форма почнува во доцниот пубертет. Преваленцата е поголема кај млади возрасни и стари луѓе. Почесто е кај мажи.
Предиспонирачки и егзацербирачки фактори со кои е асоциран себороичниот дерматит се масната кожа (себореја), фамилијарна предиспозиција или фамилијарна историја за псоријаза, невролошки и психијатриски заболувања (како паркинсонова болест, фацијална парализа, епилепсија…), употребата на неуролептични лекови, намален квалитет на сон, емоционален стрес.
Се смета дека квасницата Malassezia furfur како и нутритивниот дефицит на цинк имаат улога во патогенезата.
Себороичниот дерматит има сезонски варијации и состојбата се влошува во зима и во сува и затворена околина.
Доенечкиот себороичен дерматит се карактеризира со еритем и жолто-портокалови сквами и крусти на капилициумот – ‘cradle cap’. Во кожните набори, во пеленската регија, антекубитално се јавуваат дифузни, ексудативни, јасно ограничени, цветло-розеникави ерупции, често со ерозии и крусти.
Кај возрасните себороичниот дерматит ги зафаќа региите со висока продукција на себум како што се скалпот, назолабијалните бразди, глабелата, веѓите, брадата, ушите, ретроаурикуларно, престернално и на кожните превои. Кожните промени се портокалво-црвена или сиво-бела кожа, често со “масни” или бели десквамативни макули, папули или плажи што се јасно ограничени. Ретроаурикуларно чести се лепливи крусти и фисури. На капилициумот е присутна најзабележителна дуфузна десквамација „првут”. На очите се забележува блефаритис (црвенило со сквами на горни и долни очни рабови на капаците).
Комликациите од себороичен дерматитис се секундарна бактериска или габична инфекција, истенчување на кожата, дилатирани крвни садови и стероид-предизвикана телеангиектазија.
Диференцијално-дијагностички црвените десквамативни плаки асоцираат на лесна форма на вулгарна псоријаза, атопичен дерматитис, кандидијаза, дерматофитоза, импетиго, еритразма, питиријазис розеа, субакутен еритематозен лупус.
Дијагнозата се поставува главно врз база на клиничките критериуми. По потреба се прави и биопсија на која се гледа фокална паракератоза со неколку неутрофили, умерена акантоза, спонгиоза и неспецифична инфламација во дермот. Карактеристично обележје е присуството на неутрофили во врвовите на дилатираните фоликуларни отвори кои се појавуваат како красти/сквами.
Себороичниот дерматит е многу чест и ги афектира повеќето лица во одреден период од животот. Доенечкиот и адолесцентниот себороичен дерматитис исчезнуваат со годините. Себороичната еритродермија со дијареа и застој во напредувањето (Leiner disease) кај доенчињата е асоцирана со различни имунодефициентни нарушувања вклучувајќи неправилна опсонизација на квасници, дефицит на C3, тешка комбинирана имунодефициенција, хипогамаглобулинемија и хиперимуноглобулинемија.
Потребна е иницијална терапија, после која следи терапија на одржување на ефектот.
Локалната терапија се базира на кератинолитици – кои се користат за отстранување на сквамите (салицилна киселина, лактична киселина, уреа…). Локални антифунгални препарати – кетоконазол, zinc pyrithione или selenium sulphide. Благи локални кортикостероиди – во времетраење 1-3 недели за да се намали воспалението при акутна егзацербација. Локални калцинеурин инхибитори (pimecrolimus крем, tacrolimus маст) индицирани се во случај кога кортикостероидите треба да се користат почесто, бидејќи имаат помалку несакани ефети на кожата на лицето и по подолга употреба.
Локална терапија на капилициум
Возрасни – Шампони што содржат piroctone olamine (ја регулира пролиферацијата на Malassezia furfur), селениумсулфид, цинкпиритион, 2% кетоконазол. Од корист се и шампони кои имаат компоненти за смирување на јадежот (екстракт од рунолист) и воспалението преку TLR2.
Доенчиња – крустите од „craddle cap” или теменица, се отстрануваат со компресии од топло маслиново масло, по што следува бебешки шампон, крем со piroctone olamine и шеа путер, 1-2.5% крем хидрокортизон, 1% крем пимекролимус.
Локална терапија на лице и труп
Шампон кетоконазол 2%, безсапунски гелови со pirictone olamine, 1% или 2.5% крем хидрокортизон, 2% крем кетоконазол, емулзија со pirictone olamine и шеа путер, 1% крем пимекролимус, 0,03 или 0,1% маст такролимус)
Системска терапија
Кај тешки случаи, 13-цис ретиноична киселина орално, 1mg/kg, многу ефикасна. Треба да се употребува контрацепција кај жени во репродуктивен период. Кај полесни случаи, итраконазол 100 два-пати дневно за 2 недели.