Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Тања Делева, дерматовенеролог, Поликлиника – Драчево, Скопје

Псоријазата е хронична, инфламаторна, имунолошки посредувана кожна болест која има непредвидлив тек. Некои имунолошки фактори придонесуваат за хиперпродукција на кератиноцитите на кожата. Причината за нејзината појава е комбинација од генетски и надворешни фактори. Се карактеризира со појава на промени кои се плаки со црвена или сива боја, прекриени со сребреникави лушпести сквами најчесто на скалп , лакти, колена како и на други места. Покрај кожата пациентите можат да имаат и промени во зглобовите – псоријатичен артрит или промени на ноктите.

Текот на болеста се состои од периоди на подобрување и влошување. Симптомите може да се јават во било која возраст, но најчесто се јавуваат во раната адолесцентна доба или подоцна, во 50 или 60-годишна возраст.

Ризик фактори за појава на псоријаза се генетиката, некои инфекции, стрес, лекови, повреди.

Постојат повеќе видови на псоријаза, секој од нив се разликува во промените и симптомите:
• Плакарна псоријаза
• Псоријаза на нокти
• Гутатна псоријаза
• Инверзна псоријаза
• Пустуларна псоријаза
• Еритродермична псоријаза

Видот на лекувањето зависи од тежината на болеста, придружните болести како и индивидуалниот одговор на терапијата. Во однос на третманот, поделбата може да биде на пациенти со лесна до средна клиничка слика (кога може да се примени третман со локална терапија), како и оние со средна до тешка клиничка слика, кога лекувањето е со фототерапија или системска терапија.

Локалната терапија се состои воглавно од: емолиенти, навлажнувачи, кератолитички агенси, кортикостероиди и аналози на витамин Д3, топични ретиноиди. Локалната терапија може да даде симптоматско олеснување и може да помогне во намалување на системската медикација. Хидратацијата и емолиентите се од особена важност за третманот на псоријазата. Тие ја одржуваат псоријатичната кожа мека и влажна и ги намалуваат симптомите на јадеж и осетливост. Одржувајки соодветна хидратација на кожата можат да превенираат иритација и на тој начин го спречат потенцијалот за последователна кобернизација(создавање на нова псоријатична лезија на место на траума).

Експозција на природна сончева светлина има позитивно влијание на псоријазата. Бањањето во солена вода во комбинација со сончева експозиција (климатотетрапија) исто така се користи во третманот за псоријазата како и користење на бањи со солена вода и артифициелна УВ – експозиција (балнеотерапија).

Пациентите со псоријаза често знаат да имаат дисхармонични небалансирани навики во исхраната како што е поголем внес на масти , а помал внес на диетални влакна. Ваквите навики во исхраната се поврзуваат со инциденцата и сериозноста на псоријазата. Нутрицијата влијае во создавањето и прогресијата на болеста и нејзините коморбидитети. Заситени масти, прости шекери, црвено месо или алкохол ја егзацербираат болеста, како и гастроинтестинална дисбиоза, дефицит на витамин Д3, витамин Б12 или селен.
Од особена важност е асоцираноста со значајни здравстевни состојби вклучувајќи ги метаболиот синдром, дијабет, обезност, депресија како и кардиоваскуларни состојби. Бидејќи е хронична болест може да има големо влијание во квалитетот на животот кај овие пациенти.