Фото: Пиксабеј

Сезоната на празници се приближува, време е за патување, престој во природа и за заслужен одмор. Додека трае еуфоријата од планирање и пакување, важно е да не се заборави еден клучен детаљ – патната аптека. Покрај редовната терапија, која мора да се земе доколку пациентот ја користи, содржината на патната аптека треба внимателно да се приспособи на дестинацијата и начинот на патување. Консултацијата со фармацевт за видот и количеството потребни лекови, како и за правилниот начин на нивно чување, се препорачува како задолжителен чекор во подготовката. Летната патна аптека најчесто содржи лекови против гадење, дијареја и алергии, препарати за рехидратација, пробиотици, лекови за намалување на температурата и ублажување на болката, како и дермокозметика за заштита од сонце и инсектициди. Ако сте склони кон чести инфекции, консултирајте се со вашиот матичен лекар за дополнителни лекови.

Ако страдате од гадење и повраќање за време на патувањето, се препорачува да користите лекови што го блокираат појавувањето на овие симптоми половина час пред патувањето и повторно дозирање, доколку станува збор за подолго патување. Дозата се приспособува според возраста. Доколку се појави повраќање, потребно е да имате препарат за надоместување електролити. Тие се користат за постигнување брза рехидратација. Во третманот на патничка дијареја се користат средства што ја компензираат изгубената течност и го намалуваат ризикот од дехидратација на организмот, проследени со адсорбенти (бел јаглен), пробиотици, кои можат да се земаат превентивно неколку дена пред патувањето, но и лекови што ги спречуваат ескалацијата и времетраењето на симптомите со нивниот специфичен механизам на дејство.