Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Александар Богоевски, невролог

Витаминот Б12 нарачен кобаламин, е водорастворлив витамин кој има клучна улога во нормалното функционирање на нервниот систем и мозокот преку синтезата на миелин (миелиногенеза) и формирањето на црвените крвни зрнца.
Тој е еден од осумте Б витамини. Вклучен е во метаболизмот на секоја клетка од човечкото тело, а особено влијае на ДНК синтезата, метаболизмот на масните киселини и аминокиселините. Луѓето не се способни да го синтетизираат. Само бактериите имаат ензими потребни за неговата синтеза.

Б12 е молекулски најголемиот и најстариот структурно комплициран витамин, а може да биде произведен индустриски преку бактериска ферментација. Исто така може да се произведе синтетички.
Витамин Б12 припаѓа на класа на хемиски сродни соединенија (витамери), од кои сите покажуваат фармаколошка активност. Го содржи биохемиски реткиот елемент кобалт (хемиски симбол Со). Бактериите го синтетизираат во форма на хидроксикобаламин, а во организмот на човекот може да биде конвентиран во други различни форми. Витамин Б12 бил откриен како резултат на неговата поврзаност со болеста пернициозна анемија.
Дефицитот на витаминот Б12 потенцијално може да предизвика тешки иреверзибилни оштетувања, посебно на мозокот и нервниот систем. Помеѓу симптомите спаѓаат: замор, летаргија, депресија, лоша меморија, главоболки, бледило на кожата, особено кај постарите лица (над 60 години возраст) кои произведуваат помалку желудечна киселина со текот на годините, а со тоа и зголемување на веројатност на лоша апсорпција на витамин Б12. Дефицитот на витаминот Б12, исто така, може да предизвика симптоми на манија и психози.
Дефицитот на витаминот Б12 е најчесто предизвикан од внесување на негово мало количество, но исто така може да биде предизвикано од малапсорпција, одредени цревни нарушувања, мала концентрација на врзувачки белковини и употреба на одредени лекови. Витамин Б12 речиси и да нема растителни извори, па вегетаријанците се со поголема веројатност да страдаат од негов дефицит. Децата се во поголем ризик од дефицит ако се родени од мајки кои не конзумираат месо. Постарите лица кои имаат диети со ограничено количество на месо или производи од животинско потекло се ранливи популации.
Бидејќи не постои златен стандарден тест за недостаток на витамин Б12, се вршат неколку различни лабораториски тестови за да се потврди дијагнозата. Серумската вредност на витаминот Б12 е прилично непогодна, бидејќи се менува доцна и исто така е релативно нечувствителна и неспецифична.
Најраниот маркер за недостаток на витамин Б12 е ниското ниво на холотранскобаламин (holoTC), кој е комплекс на витамин Б12 и неговата транспортна белковина.
Витамин Б12 е кофактор на различни метаболитички реакции кои се вклучени во метилацијата и синтезата на нуклеинските киселини и одделни невротрансмитери.
Постојат многу различни причини за дефицит на Б12 кај постарите лица. Повеќе од половина од постарите лица со дефицит на Б12 имаат малапсорпција на храна-кобаламин, дефинирана како нарушена дигестија. Други причини за низок или дефицит на Б12 се недоволно внесување од диета или додатоци, пернициозна анемија, операција на желудникот, гастроинтестинални заболувања и одредени лекови (на пример, инхибитори на протонската пумпа, метформин.
Дефицитот на витамин Б12 е клинички препознаен дека е поврзан со невролошки нарушувања, како што се деменција, когнитивно оштетување и депресија.
Недостатокот на Б12 може да предизвика демиелинизација на нервите во периферниот и централниот нервен систем и е поврзан со периферна невропатија, губење на сензација во периферните нерви и слабост во долните екстремитети кај постарите лица. Особено, недостатокот на витамин Б12 е поврзан со невропатија со големи влакна (тип А). Нервните влакна од типот А делуваат и како сетилни и моторни влакна. Така, витаминот Б12 може да биде поврзан и со сензорната и со моторната периферна нервна функција.
Кај постарите возрасни лица, преваленцата на лошата функција на периферните нерви и невропатија е висока и се зголемува со возраста. Лошата функција на периферните нерви, често недијагностицирани или на субклинички нивоа, е поврзана со пониска јачина, минерална густина на коските и физички перформанси кај постарите лица. Идентификувањето на факторите на ризик за лошата функција на периферните нерви е од клучно значење. Додека дефицитот на Б12 е признат фактор на ризик за клиничка периферна невропатија.
Недостатокот на витамин Б12 спаѓа во корективни фактори кои можеме да влијаеме и да се спречи и превенира периферната невропатија со доволен внес на витамин Б12.