Медицински совет
Како што минуваат годините, нашето тело постепено губи некои од своите природни градежни материјали – супстанциите што ја одржуваат кожата затегната, коските цврсти, а видот остар. Промените често се незабележливи додека не се појават првите знаци на стареење: брчки, болки во зглобовите или заматен вид. Токму зад овие процеси стои намаленото присуство на колаген и хијалуронска киселина, кои играат клучна улога во одржување на еластичноста и здравјето на ткивата.
Катарактата е состојба на заматена леќа во окото. Тоа се случува затоа што со годините леќата ја губи својот еластичност, што е потребно за брза промена на фокусот. Механизмот за настанување на катарактата започнува кога доаѓа до губење вода, потоа до згуснување на протеините што го градат влакното на леќата и на крајот до појава на заматеност. Тоа може да го отежне видот и да влијае на квалитетот на животот.
Дали некој ќе добие катаракта зависи од многу фактори, како што се возраста, генетиката, начинот на живот и изложеноста на сонце. Според некои истражувања, околу 50 отсто од луѓето добиваат катаракта до 60-та година од животот, а тоа се зголемува на 90 проценти до 80-та година. Покрај староста, некои од ризичните фактори за развој на катаракта се и ултравиолетово зрачење, дијабетес, хипертензија, дебелина, пушење, долготрајна употреба на кортикостероидни лекови, претходна операција на око, хормонска терапија, голема кратковидост.

































