Автор: Прим. д-р Абдулхади Р. Шишко, специјалист – педијатар
Атописки дерматитис е хронична воспалителна болест на кожата која може да се појави кај сите возрасни групи, почнувајќи од доенчињата, па се до возрасните лица. Меѓутоа статистичките податоци јасно покажуваат дека е многу поизразена кај помалите дечиња. Имено, една петина од децата помали од двегодишна возраст се соочуваат со оваа болест, споредено со инциденца од само 3 отсто кај возрасните. Од оваа гледна точка станува сосема јасно дека атопичниот дераматит е една од главните причини за барање лекарска помош, кога станува збор за одржување на здрава кожа на бебињата и децата.
Етиологија и патогенеза
Патогенезата на атописки дерматитис е мултифакториелна и вклучува генетски, имунолошки фактори и фактори од околината, кои сите заедно резултираат со оштетување на кожната бариера (епидермисот), полесно навлегување на алергените и активација на сите имунолошки механизми, при што сето тоа резултиура со појава на екзематозни промени на истата. Генетските фактори играат една значајна улога за појава на атописки дерматит. До 60% е преваленца за појава на болеста кај дете со еден засегнат родител, а таа преваленца се зголемува дури 80% ако се засегнати двајцата родители. Значајно влијание имаат и факторите на околината како што се: разликата меѓу урбани и рурални средини, исхраната, личната хигиена, доењетo и неовото времетраење и др. Американската Академија за алергија и астма, како и Европската Академија за алергија препорачуваат ексклузитвно доење до 6 месеци за примарна превенција од алергии. А постојат и голем број истражувања кои ја потенцираат важноста на доењето за пролонгирање на атиписки болести, меѓу кои и атипискиот дерматит, дури и кај деца чии мајки се атопични.
Клиничка слика
Атопикиот дерматит се најчеста незаразна болест, која како што истакнав, ги засега најмногу децата, па затоа и симптомите може да се јават и од првата година од животот. Текот на болеста е рекурентен шти значи може да се јави период на ремисија при што сите симптоми се повлекуваат или пак болеста да екзацербира со враќање на симптомите и/или влошување на клиничката слика. Се манифестира со појава на папулозни и дамчести промени кои најчесто се јавуваат на лицето (образите), скалпот, вратот, лактите и колената. Кај поголемите децa се јавуваат лезии на флексорните страни на екстремитетите, околу устата на зглобовите на рацете и нозете, а кај возрасните се јавуваат суви лушпести дамки на екстремитетитe.
Во клиничката слика доминира :
• силно чешање, задебелена кожа
• оток, црвенило
• крустести промени на кожата
• промени на кожата околу устата, очите или ушите и др.
Дијагноза и класификација
Алергискиот дерматитис може да се манифестира во различни форми, затоа и листата на диференцијални дијагнози е голема. Тука спаѓаат уртикарија, контакт дерматитис, шуга, себороичесн дерматит, псоријаза и др. Тоа е болест која нема дефинирано лабораториско иследување. Американската Академија за дерматологија ја има допрецизирано дијагнозата на атописки дерматитис, користејќи претходно дефинирани критериуми како што се пруритус, возраста на појавата на симптомите, историја за релапс на симптомите, како и придружни симптоми кои не се специфични за болеста, но помагаат во дијагностика како на пример лихенификацијата, позитивна лична и фамилјарна анамнеза за атопија и др. Иако не постои специфичен тест, сепак, лабораториски иследувања се прават во случај кога ќе се постави сомнение за атопија и во тој случај се испитува тотален ИгЕ и се спроведуваат кожни тестови.
Терапија и превенција
Терапијата зависи од клиничката слика, односно сериозноста на симптомите, како и возраста на детето. Најдобриот пристап кај децата со атописки дерматитис, првично е да им се објасни на родителите дека тоа е хронична болест со ремисии и екзаербации, и да им се помогне да ги разберат и прифаќат општите и специфичните мерки, кои се превземаат за третман и превенција на атописки дерматитис.
Во општите мерки спаѓаат избегнување на нутритивни и инхалаторни алергени како што се прашина, полени и други инхалаторни алергени, миење ведаш по контакт со нив, носење на широка и памучна облека со цел да се избегне прегревање, водење сметка на детергените кои се употребуваат при перење на облеката, бањање со млака вода и др.
Во групата на специфични мерки спаѓа употребата на антиинфламатори и антиинфективни препарати. Американската академија за педијатрија препорачува неколку чекори за третман на атописки дерматит и тоа :
1. Навлажнување на кожата со цел
• Регенерација и одржување на кожната бариера
• Хидрација на кожата со цел да се превенира пруритус (чешање)
2. Редукција на чешање
3. Третман на инфламација
4. Превенција на инфекии
Со овие чекори покрај подобрување на симптомите се подобрува и квалитетот на спиење и кај детето и кај самите родители. Ова од друга страна овозможува создавање на рутина за квалитетно спиење, подобрување на растот и развојот на детето, но и подобрување на неговото ментално здравје. Ова крајно би резултирало со општо подобрување на квалитетот на животот на детето, а со тоа и на неговите родители, што подразбира и подобар семеен живот и подобрени можности за изградба на функционална семејна единица.
Почетна точка во третманот на атопискиот дерматит вообичаено се навлажнувачите на кожа, односно емолиентните кремови и лосиони. Меѓутоа, во периодите кога болеста е активна, проблемот на чешање на кожата се настојува да се надмине со примена на антихистаминици од првата генерација, кои вообичаено се употребуваат пред спиење. Зависно возраста на детето и делот на телото за кое што е потребен третман, се администрираат и локални кортикостерпиди со цел третирање на инфламаторниот процес на кожата. По санација на симптомите се препорачува продолжување со користење на кожните емолиенти.
Во случај на потешки форми на атописки дерматит, односно случаи кога локалните кортико препарати немаат задоволителен ефект, под предуслов детето да биде постаро од 2 години, може да се применат и локални калцинеурин инхибитори. Покрај ова, земајќи предвид дека децата со атописки дерматит се повеќе подложни на инфекции заради оштетената кожна бариера, како оправдана може да се смета и употребата на антибиотици. Имено, има истражувања кои укажуваат дека кај 90% од овие деца се изолира S. Aureus. Доколку горенаведените пристапи не вродат со посакуваните ефекти, значи во случаи на тешки форми на болеста, може да се премине и на примена на фототерапија и имуномодулаторна терапја.
Спроведените истражувања и самата практика јасно укажуваат дека атопискиот дерматитис е реално гледано комплексна хронична болест, чиј што третман подразбира голем ангажман и високо користење на ресурсите на здравствените организации. Ова особено имајќи го предвид фактот дека атопискиот дерматит вклучува и изразена можност за напредување кон други алергиски фенотипови, што самото по себе го усложува неговиот третман. Покрај ова, секогаш треба да се има предвид фактот дека ваквите болести кај децата секогаш имаат изразено влијание врз нивните родители, односно врз функционалноста на целокупното семејство. Ова подразбира дека покрај страдањето на пациентот и трошоците кои се создаваат за негов третман, атопискиот дерматит причинува и пошироки социални, емоционални и психолошки последици. Но, од друга страна станува збор за состојба која што може да се превенира, па затоа очигледно е дека превенцијата би била најдобриот „лек” . Превенцијата на болеста треба да започне уште од перинаталниот период со таргетирање на кожната бариера, факторите на околината, фросирање на доењето, модулирање на цреваната флора, употребата на витамински суплементи и др. Но сепак, овој пристап може да се покаже како многу тежок бидејќи бара една општа стратегија која би опфаќала низа активности во правец на зголемување на степенот на информирање на младите родители, особно родителите кои знаат дека имаат атопија. Имено, степенот на свесност на родителите за целокупноста на активностите кои треба да се имаат предвид за избегнување на тригер-факторите на атопичен дерматит, но и за чекори кои треба да ги применат доколку нивното дете биде подложно на истиот, може да се покажат како значајни фактори за соочување со оваа болест. Во овој правец голем придонес на национално ниво би можеле да имаат не само институциите од јавното здравство, туку и големите фармацефтски куќи кои ја имаат распротрането својата дејност на територијата на Република Северна Македонија.