Тој е идеален за почнување на пролетната риболовна сезона, но и за оние водни терени каде што под површината има треви, кои, пак, претставуваат одлично засолниште за рибите
Секој страстен риболовец со своите познавања и искуства секогаш се судира со огромен асортиман воблери, нивни видови, бои, карактеристики, поскапи и поевтини, познати и помалку познати. Еден од нив е жабецот.
Жабецот е одличен воблер, кој го изработува јапонската фирма „Овнер“, која, пак, на ова поле доминира многу години и располага со голема палета вештачки мамци. Тој е изработен од леена тврда пластика, која во средината е шуплива, однадвор со жапче, кој рибите грабливки го обожаваат, а особено тоа се однесува на кленот. Производителот големо внимание им посветил на очите на воблерот, кои изгледаат мошне реално.
Пактата е кратка и поставена во позиција од близу 45 степени, за да може да нурка поплитко, а и самиот воблер спаѓа во категорија плитконуркачи, односно универзалниот назив му е флоатинг. Алките му се од не’рѓосувачки челик и се меѓу подобрите, исто како и трокуките, кои, пак, се меѓу водечките во светот по својот квалитет. Средината е шуплива и во неа е сместен лагерот или тропката, кој дава многу силен тап звук.
Многу производители ставаат тропка во самиот воблер, која, пак, знае многу да го иритира кленот и со тоа да го принуди да нападне. Овој модел, кој личи како жапче и има тропка, всушност претставува добитна комбинација за добар улов на риба. Тежината на воблерот е 6,5 грама, должина 48 милиметри, а точната ознака за трокуките е „Овнер СТ-36БЦ“. Тој, освен за кленот, е идеален и за кострежот, пастрмката, а понекогаш може на него да „удри“ и бојникот.
Длабочината на нуркање е од 50 см, па максимум до 1-2 метри, со тоа што риболовецот со самото кревање и спуштање на врвот од риболовната трска, може да му ја контролира длабочината на која сака да го постави.
Жабецот е мошне идеален за почнување на пролетната риболовна сезона, но, исто така, идеален и за оние водни терени каде што под површината има треви, кои, пак, претставуваат одлично засолниште за рибите. Многу е стабилен во активноста и може да издржи силен проток на вода, без притоа да се извртува или да бега настрана.