И покрај ограничувањата поради пандемијата, филмовите на Милчо Манчевски продолжуваат да го наоѓаат патот до интернационалната публика. „Врба“ на Манчевски ја имаше романската премиера на најстариот и најголем романски интернационален фестивал – „Трансилванија“ во Клуж-Напока. Ова е еден од првите фестивали во светот што се одржува во услови на пандемија – филмовите се прикажуваат пред публика на отворени простори.
Кинеската премиера на филмот ќе се случи во август на фестивалот во Пекинг. „Врба“ ќе биде прикажан во престижната официјална програма за награди.
„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше во кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Сараево, Софија и други.
Инаку, во престижната програма „Под ѕвездите“ на интернационалниот филмски фестивал во Нанси, Франција, во август ќе се прикаже и претпоследниот филм на Манчевски, „Бикини Мун“, американско-канадско-германска копродукција во која главната улога ја игра Кондола Рашад, а Манчевски го сними во 2017 година.