Работата ми е едно метафорично одење по жица помеѓу новинарство и литература, помеѓу пишување и истражување пред екран и шетање по најскришните ќошиња на Јапонија, вели младата креативка што пред четири години замина во потрага по својот сон во Токио
Зориа Петкоска Калајџиева, писателка и фотографка
Зориа Петкоска Калајџиева е млада креативка, која воодушевува со својот талент на повеќе полиња. Пред четири години ја напушти Македонија и замина во потрага по својот сон во Токио, Јапонија. Наградувана од мали нозе, со неколку книги и изложби зад себе и втемелен успех во писателската дејност, таа денес живее и работи во Земјата на Изгрејсонцето како писателка, поетеса, преведувачка, новинарка и фотографка.
Вашето секојдневие вклучува активност на повеќе полиња, пишување, патување и фотографирање, како успевате да ги искомбинирате овие нешта?
– Не знам дали е успешно комбинирање на активностите, или неуспех да се одречам од нешто на сметка на друго. Прифатив дека сум полимат и дека најмногу ме интересира просторот помеѓу различни науки/полиња. Исто како и визуелната поезија во која специјализирам, патувачкото новинарство e раскажување и со слики и со зборови. Сликата вреди илјада зборови, а зборовите го доловуваат тоа што не излегува на слика. Работата ми е едно метафорично одење по жица помеѓу новинарство и литература, помеѓу пишување и истражување пред екран и шетање по најскришните ќошиња на Јапонија. Пред некој ден разговарав со тројца свештеници во три различни будистички храмови, спиев во домот на рибарско семејство и јадевме отровна риба фугу. Но морав да бидам на терен од 5 наутро до 10 навечер, а потоа со денови се работи на уредување на фотографиите, споделување на социјалните мрежи, пишување на патописот, проверка на фактите, контактирање со локалната агенција за туризам. Да се биде патувачки писател е прекрасно, но многу макотрпно, несигурно и исцрпувачко. Кога не пишувам патописи, интервјуирам интересни ликови или нуркам во теми од историјата и антропологијата.
Во што се состои суштинската разлика помеѓу можностите за креативен развој што ги нуди Македонија наспроти Јапонија?
– И двете земји не ти нудат директно креативен развој, треба сам да го грабнеш за опаш и да не пушташ! Секако, град од 30 милиони жители како Токио е стимулативен и инспиративен, особено за новодојдените токијци како мене. Приказни има колку сакаш, а ние писателите учиме да читаме од лица и да си замислуваме. Од друга страна, има јазична и културна бариера, која е најпогубна за писателите во споредба со другите уметности. Понатаму, во толкава метропола тешко е да се најде време за честа соработка со други креативци. За разлика од Македонија и остатокот од Европа, има многу помалку фондови за креативци, не се нуди бесплатен простор за одржување работилници и повеќето креативни настани се случуваат речиси скришум. А кога музичарите свират на Шибуја на улица најчесто (многу фино и културно, но упорно и без преговори) ги брка полиција. Сепак, моментално имаме суперсцена во подем на поети и писатели, кои претежно пишуваат на англиски, и организираме разни настани. На крајот, и покрај сѐ, и во Јапонија и во Македонија има креативци што, за среќа, ништо не може да ги запре.
Патувавте до различни делови на јапонскиот остров, имавте необични познанства, од жена суши-шеф, до бездомник комичар, кој можете да го изнајмите. Што од ова ви остави најголем впечаток и лекција?
– Запознавањето со бездомниот комичар ме зарази со позитивност! Котани вели дека е многу посреќен сега кога не поседува ништо освен облеката на себе. Пред некое време ми пиша дека сака да ја посети Македонија по нашата средба и бара некој да го прими на гости. Од друга страна, изнајмувањето лажни пријатели (актери) ме трогна повеќе одошто планирав. Мислевме да биде хумористична статија, ама излезе да се прашувам што е вистинско пријателство, а што е лажно. Она што не го пишува во мојата статија е дека по неколку дена изнајмената пријателка ми пиша дека искрено супер си поминала и сака да сме вистински другарки. Иако мислев запознавањето скитник ќе биде тажно, а изнајмувањето лажна другарка смешно, излезеа обратно. Затоа секогаш кога истражувам нова приказна, оставам да видам како ќе се развие. Од патувањата низ Јапонија, пак, најголем впечаток ми оставаат селцата и малите гратчиња. Во Карацу, гратче само со 2-3 кафулиња, вработените во кафулето го заклучија и тргнаа да нѐ носат на вечера, а во Фурано на островот Хокаидо месното население му се јави на газдата на кафуле да ни отвори ноќе за да сме пробале локален десерт.
Вашите урбани фотографии од патувањата низ Јапонија и други азиски земји се несомнено инспиративни. Што сакате да постигнете преку фотографијата?
– Сакам да го зачувам она што го наоѓа моето око, бидејќи не секогаш е очигледно за сите. Многу често забележувам дека потајно ме гледаат луѓе и се чудат што сум нашла да сликам. А јас сум нашла некој бетонски бруталистички ѕид со окно, некакви градежни конуси, или таванот во метро-станицата, кој никој не го погледнува иако секој ден ја користи таа станица. Некогаш сликите се едноставно очекувани преубави разгледници што секој би ги фотографирал без многу мислење. Во Јапонија почнав да фотографирам и на филм со аналогни фотоапарати, бидејќи тука најмногу ги има и сѐ уште се произведува филм. Кога сликам на филм, се едитирам самата себеси уште пред да чкрапнам, бидејќи позите се ограничени. А и чекањето да видиш што си фотографирал е интересно искуство, како бавна наспрема брза храна. Не сакам да изберам еден стил на фотографија, освен ако не е изложба.
По неколку објавени книги и изложби на домашен терен, дали јапонската јавност има можност да дојде во допир со вашата уметност?
– Последно ја објавив збирката поезија „Зборигами“ во 2015 година, преку издавачката куќа „Матица“, а на некој начин таа збирка имаше удел во моето академско истражување во Јапонија во 2016 година. Книгата е преведена на англиски и на јапонски, а три песни на јапонски беа објавени во книжевно списание на универзитетот „Васеда“. Исто така, со преведените дела бев учесник на саемот за поезија „Токио Поекет“ во 2017 година, но Јапонците беа најфасцинирани со македонските песни во „Зборигами“, иако не го разбираат јазикот. Можеби слично како што нас на Запад нѐ фасцинираат кинески карактери и без да знаеме што значат. Моментално сум во преговори да се објави тријазична верзија на „Зборигами“, македонски, англиски и јапонски, но издавањето книги во печат опаѓа. Исто така, на „Зборигами“ работат прведувачи и ја преведуваат на српски и бугарски јазик, со надеж да им ја понудат на нивните издавачи, но ова сѐ уште е во рана фаза. Често читам поезија и во англофоната заедница во Токио, односно заедница на сите странци што зборуваат англиски, дали како прв, втор или трет јазик. Објавена сум и во „Токио поетри џурнал“, една од песните е всушност варијација на дело од мојата изложба „Дестилирана емоција: Токио од Неуромансер“, одржана во октомври 2017 година во „Јавна соба“, Скопје. Надвор од Јапонија, објавувам поезија во Хонгконг, САД, и наскоро Филипини (во превод на тагалог).
Дали работите на некаков нов проект? Можеме ли да очекуваме ваша нова книга во брза иднина?
– Работам на премногу нови проекти, сите од нив ги работам од љубов и секогаш се втор приоритет по работата. Затоа и се одвиваат бавно, па очекувајте ги во подалечна иднина. Моментално работам на едно дело што го викам „распарчен роман“ и е нешто помеѓу роман и серија поврзани кратки раскази. Нараторот и главен лик е градот, кој ни ги раскажува скриените приказни на луѓето во Токио. Некои од расказите се серијализирани на Инстаграм. Од поезија, во Токио основав група за експериментална поезија „Археологиа поетика“, каде што со членовите работиме на поетски метод преку кој се уништуваат и реставрираат песни. Песните често ги изведуваме на настани, а планираме и да објавиме збирка понатаму. Засега, освен преговорите за објавување на „Зборигами“ во превод, се работи и на објавување на делата од изложбата „Дестилирана емоција“ како книга. А нови фотографии и извадоци од поезија и проза секогаш има на моите профили на социјални медиуми.
Како активна учесничка во културната сфера во Јапонија, забележувате ли влијание на ковид-19 врз културните настани, имајќи предвид дека станува збор за една од земјите со најголем број заразени?
– Вирусот, за жал, најмногу ги погоди туристичките и културните дејности, каде што луѓето и онака се недоволно платени или со договор на дело. И мали настани се откажани, а тие што не се, недоволно се посетени. Откажани се и Олимписките игри. За разлика од други земји, Јапонија уште е во фазата на негирање, но тоа полека се менува.