Филмски циклус посветен на 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман (1918-2007) организира Кинотеката на Македонија, во соработка со Амбасадата на Шведска во Скопје. Ретроспективата ќе почне в петок, од 20 часот, со филмот „Лето со Моника“, кој Бергман го режирал во 1953 година, по сценарио на Пер Андерс Фогелстрем. Според критиката, овој филм на Бергман ги навестил неговите подоцнежни тематски преокупации – анализа на психата на жените, по што станал препознатлив автор.
В сабота, од 18 часот, ќе биде прикажан шведскиот документарен филм од 2005 година „Островот Бергман“, во режија на Мари Ниреред. Документарецот е на шведската национална телевизија и е трилогија во која Бергман говори за својата работа на филм, во театар и за островот Форе. Сите три документарни филма, главно, се снимени во домот на Бергман на малиот остров во Балтичко Море. Форе бил своевиден азил на Бергман, а режисерката Ниреред била прва документаристка што имала пристап во неговиот дом. По проекцијата на документарниот филм, од 20 часот ќе биде прикажан култниот „Седмиот печат“, снимен во 1957-та, во кој Бергман е сценарист и режисер.
На 30 септември (недела), од 18 часот, уште еден документарец за мајсторот на филмот – американскиот „Навлегувајќи во Бергман“, во режија на Јан Магнусон и Хинек Палас, во кој учествуваат Томас Алфредсон, Вуди Ален, Вес Андерсон. Меѓу учесниците во документарецот се и неговите омилени актерки Хариет Андерсон и Пернила Аугуст, како и Френсис Форд Копола, Роберт де Ниро, Михаел Ханеке, Томас Винтерберг, Ларс фон Трир, Такеши Китано, Изабела Роселини, Мартин Скорсезе, Александер Пејн… Неделната вечер, од 20 часот, ќе биде прикажан и „Диви јагоди“ – авторски филм на Бергман од 1957 година.
Од 1 до 4 октомври, со почеток во 20 часот, ќе бидат прикажани уште четири познати остварувања, во кои Бергман е сценарист и режисер: „Персона“ од 1966 г., оценет како ремек-дело на филмскиот модернизам и како најекспериментално дело во опусот на Бергман (1 октомври); „Есенска соната“ од 1979 година, награден со „златен глобус“ за најдобар странски филм, во кој ликот на Шарлота е последната филмска улога на Ингрид Бергман (2 октомври); додека на 3 октомври ќе биде прикажан „Фани и Александер“ од 1983 г., според многумина тестаментарно дело на Бергман, своевидна синтеза на неговите авторски преокупации. На последниот ден од циклусот посветен на Бергман, 4 октомври, ќе биде прикажан последниот негов филм „Сарабанд“, снимен во 2003 година. Изворно е реализиран како телевизиски филм и продолжение, по три децении на култната ТВ-серија „Призори од брачниот живот“.