Најконтроверзните дела на 20 век
Дваесеттиот век донесе радикални начини на изразување. Од модерна уметност и фовизам, до кубизам и дада, ова се уметничките дела што го шокираа светот. Првата и Втората светска војна обележија депресивна клима, а европската криза и падот на Волстрит од 1929 година го шокираа општеството во неговата срцевина. Индустриската револуција поттикна нови идеи, теории, симболи и техники. Обликуваше многу уметнички движења што ги знаеме денес – експресионизам и апстрактен експресионизам, кубизам, фовизам, дадаизам, надреализам и поп-арт. Погледнете кои се уметничките дела што го дефинираа 20 век.
10. Скот Тајлер, „Дред“, 1989 г.
Во 1989 г., Скот Тајлер беше само средношколец на Уметничкиот институт во Чикаго. Таму, тој го претстави своето прво уметничко дело насловено „Каков е соодветниот начин да се прикаже американското знаме“. Со делото беше прикажано американското знаме како лежи на под, кршејќи го амандманот за сквернавење на знамето. Со ова дело, Тајлер сакаше да ја покаже слабоста на едно важно човеково право, слободата на изразување.
9. Енди Ворхол, „Кемпбел супа“, 1962 г.
Кој не се сеќава на овие познати лименки со супа од „Кембел“? Енди Ворхол бил компулсивен купувач и колекционер. Кој мислеше дека едноставна лименка со супа може да биде уметничко дело? Само Ворхол, пионер на поп-артот, можеше да направи таков дрзок подвиг. Тој самиот ја јадеше оваа супа секој ден 20 години, а потоа ја вметна во историјата на уметноста.
8. Роберт Раушенберг, „Избришаниот Де Кунинг“, 1953 г.
Роберт беше еден од најголемите сликари на апстрактниот експресионизам, а неговото име генерираше и самодоверба и страв. Еден ден, Раушенберг го замоли Де Кунинг да му даде една од неговите слики. По неколку месеци, ја избриша сликата и ја нарече „Избришаниот Де Кунинг“. Намерата му била да му даде уметничка вредност на уништувањето на едно дело.
7. Пабло Пикасо, „Госпоѓиците од Авињон“, 1907 г.
Пикасо ни покажува пет голи проститутки во бордел во Барселона, идеја што не беше добро прифатена на нејзината изложба во Париз. Со геометризација на формата, оваа слика стана предвесник на движењето кубизам. По изложбата, делото со години беше заборавено во студиото на Пикасо. Подоцна беше изложено во раните 1920-ти.
6. Ричард Сера, „Навален лак“, 1981 г.
Ричард Сера е познат американски скулптор и творец на едно од најконтроверзните дела на 20 век, „Навалениот лак“. Оваа масивна скулптура е инсталирана во 1982 година на плоштадот „Фоли“ во Њујорк. „Њујорк тајмс“ го опиша како едно од најгрдите јавни уметнички дела во градот. По многу полемики скулптурата била исечена на три дела и отстранета од плоштадот во 1989 година.
5. Балтус, „Час по гитара“, 1934 г.
Контроверзниот француски сликар Балтус бил осамен и мистериозен. На оваа вознемирувачка слика, која личи на Пиета, гледаме наставничка по гитара со нејзина млада студентка во нејзиниот скут со подигнато здолниште и изложени гениталии. Сликата предизвика доста дискусии.
4. Андрес Серано, „Пис Христ“, 1987 г.
Размислете за фотографија од Христос. Распетие. Сега замислете ја оваа слика вметната во сад полн со урината на уметникот. Американскиот уметник Андрес Серано го создаде ова уметничко дело во 1987 г. Супстанцијата што ја користеше не беше избрана случајно – уметноста секогаш треба да предизвикува и да буди емоции, а луѓето не треба да останат рамнодушни на тоа.
3. Маркус Харви, „Мајра“, 1995 г.
На изложбата во Кралската академија во Лондон во 1997 г., на колекцијата на Чарлс Сачи беа претставени дела од млади уметници. Едно од нив беше голем портрет на Мајра, дело на Маркус Харви, жена што во 1960-тите заедно со нејзиното момче силувала, мачела и убила пет тинејџери на возраст од 10 до 17 години. Без сомнение, ова уметничко дело предизвика голем бес во Велика Британија и надвор.
2. Крис Офили, „Света Дева Марија“, 1996 г.
Оваа слика на британскиот уметник Крис Офили претставува црна Богородица опкружена со колаж, кој личи на пеперутки, но станува збор за фотографии на женски гениталии. Тој го насликал делото со измет од слонови, насловено „Света Дева Марија“ и изложено во музејот Бруклин во 1999 г. Градоначалникот Руди Џулијани ја опишал сликата како болна и одвратна и се обидел да го повлече годишниот грант за музејот, сепак, музејот се спротивставил и го добил случајот на суд.
1. Марсел Дишан, „Фонтана“, 1917 г.
Ова е писоар што Марсел Дишан го купил, испишал лажно име „Р. Мут“ на долниот раб, го ставил во галерија и го нарекол „Фонтана“. Се смета за најконтроверзно уметничко дело на 20 век затоа што било само обичен предмет претставен како престижно уметничко дело. Му било забрането да го изложува писоарот затоа што неговото дело ги критикувало системот и утврдените стандарди.