Момче

Не сум од оние што со часови се закотвуваат под сонце на плажа, макар била најпесочна, и не се мрдаат оттаму. Го сакам сонцето по својата кожа, но го консумирам чекорејќи во плиткото по брегот и притоа поцрнувам исто колку и упорните плажни лежач(к)и. Си погледнувам – од една страна, шир, езерска, од друга, разнообразното копнено дефиле на капачките, каде што топлесот од минатите лета го губи предимството пред убавините што ги подоткриваат долните делови на костумите за капење. Задници што разголени и испакнати од живост просто ме тераат да ги шлапнам, ми се распростреле пред погледот како бесплатни подароци на летото. Така инспириран, во првото крајбрежно кафуле си нарачав фредо-капучино (потврда за извршена вакцинација имав одамна) и тамам ги сркнувам првите голтки, ми заѕвони мобилниот.
На вибер од Афитос се јавува Томче, мојот најстар внук.
– Дедо, дедо, на карпата видов црн сунѓер, заглавен е и треба да го спасиме.
– И што направи?
– Го видов кога нуркав. Ѝ кажав на мама, ама таа продолжи да плива со тета Маре.
Ја замислив ќерка ми како плива и разговара со другарка ѝ во млаката вода на Егејско Море, додека Томче возбудено ѝ вика и гласот му станува пискав: – Ама мамо, дали ти сакаш сунѓерот да угине?
– И тогаш, дедо, јас пак нурнав. И, дедо, од тој црн сунѓер излегуваа некои црвени ленти залепени за карпата, тоа се негови црвени ленти, ама не се добри, тие се вишок.
– Од каде го знаеш ова, Томче?
– Го знам, читав, во книга пишуваше, не му даваат да се движи на сунѓерот и ако не го спасиме, ќе угине.
Мојот Томче! Штотуку наполни единаесет, израснат е, му се наближува пубертетот, ама уште е дете, кое неоптоварено го гледа светот.
– Гревота е да го оставиме така. Томче, зануркај уште еднаш, одлепи го од карпата и пушти го на слобода во морето. После јави ми се што си направил. Важи?
– Важи, дедо.
Во меѓувреме, додека се договарав со Томче, на соседната маса во кафулето седнале две претставителни млади жени, весело чрчорејќи на холандски, облечени кежуално, во бели маички и со високи бели шорцеви, кои ги истакнуваа нивните полнички, но цврсти бутови. Чувствувам потреба да им се насмевнам, не наметливо и простачки, туку од согласност со нивната привлечност.
Нормално, ми возвраќаат. И, можам да забележам, со неприкриена љубопитност. Такви се Холанѓанките, радосни, отворени, видливи, згодни суштества!
Момче, сѐ уште си во форма, си се пофалувам, длабоко вдишувајќи го свежиот езерски воздух.