Меѓународната лига на есперанто-наставници, која е основана во 1949 година, го одбележа 70-годишниот јубилеј со програма на 52-от конгрес во Чачак, Србија, што се одржа од 13 до 20 јули, а активностите ќе продолжат во текот на целата година. Седумдесетгодишната историја содржи обемен материјал за истражување, сумирање, претставување, наоѓање инспирација за нови достигнувања на полето на есперанто-педагогијата.
Во приватните библиотеки и библиотеките на организациите низ есперанто-заедницата се наоѓаат многу учебници, книги и ревии, конференциски и конгресни програмски книги, акти од симпозиуми, документи за проекти, фотографии, филмови и други публикации. Тие беа презентирани на изложби во рамките на конгресот во Чачак. Пригодни конкурси, пак, ќе го поттикнат создавањето нови дела, есеи, видеа, фотоалбуми.
Тема на конгресот беше „Учењето во виртуелни заедници“, а меѓу поттемите се и оние за наставни целини за домородни јазици, во согласност со програмата на „2019 – Меѓународна година на домородни јазици“ на ОН/УНЕСКО. Особено е важно што во рамките на конгресот се одржа и дводневна меѓународна конференција на истата тема, чиј коорганизатор беше Факултетот за технички науки во Чачак, во чии простории се одржа конгресот. Во организацијата се вклучија и Министерството за образование на Србија и српскиот Институт за унапредување на образованието, кои преку своите комуникациски канали ќе преземат чекори за привлекување учесници што не се есперантисти. На тој начин популаризацијата на есперанто меѓу универзитетските, средношколските и наставниците од основно образование во Србија ќе има институционална поддршка и надвор од движењето.
Преводот од есперанто на информацијата, објавена во ревијата „Есперанто“ на Универзалната есперанто-асоцијација од Ротердам, ја направи Татјана Шошолчева Ропајкова, една од ретките активни есперантисти во Македонија.