Рецитал под наслов „Клавишите на Арда“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 часот, во Камерната сала на Филхармонијата, на кој ќе настапи младиот македонски пијанист Арда Мустафаоглу. На програмата ќе бидат дела од Хајдн, Скарлати, Шуман и од Брамс.
Арда Мустафаоглу е студент на Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург. Пијанистичката кариера ја почнал на шестгодишна возраст, освојувајќи голем број награди на меѓународни пијанистички натпревари, меѓу кои се и: гран при на натпреварот EMCY во Истанбул; првата награда на интернационалниот натпревар „Антонио Салиери “ во Верона; првото место на интернационалниот натпревар „Кунст анд Фридн“ во Хамелбург, натпревари во Грција, Србија, Бугарија, Албанија и во Франција.
Меѓу позначајните негови концерти и настапи се и настапот на „Охридско Лето“ во црквата „Св. Софија“, настапот со Македонската филхармонија, со Софиската синфониета, концертот со квинтетот „Мармара“ во Србија, настапите и концертите во Германија, Франција, Турција, Италија, Србија и во Бугарија. Арда се усовршува на голем број мајсторски школи кај познати пијанисти, како што се: Евгениј Корољов, Мишел Бероф, Жан-Франсоа Есер, Денис Паскал, Борис Березовски, Милица Шкариќ, Рамзи Јаса и др.
Арда Мустафаоглу е пијанист што ја продолжува школата на Евгениј Корољов. По јасно дадените насоки на професорот Корољов и интензивните подготовки со професорката Милица Шкариќ, тој ги започнува студиите кај професорот Ана Виницкаја на Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург. Од Филхармонијата во оваа пригода потсетуваат дека за својот придонес во светската афирмација на градот Скопје, на Арда Мустафаоглу му е доделена наградата „13 Ноември“.