Венко Андоновски за „Независне новине“
Венко Андоновски, најчитаниот и најтиражен македонски писател, моментално е во Бања Лука, поточно во Националниот театар на Република Српска, каде што ансамблот на оваа куќа подготвува претстава по неговиот текст „Генетиката на Глембаеви“. Претставата ќе биде поставена од македонскиот режисер Дејан Пројковски, а премиерната изведба се очекува на 4 јули. За текстот, за книжевноста и уметноста воопшто, Андоновски зборува за „Независне новине“.
– Ова е текст што е создаден затоа што јас сум навистина опседнат со Крлежа, особено со неговите драми. Обично го ставам Крлежа на врвот на мојот приватен пантеон, но тој не е мојот омилен писател, иако оваа драма ми е особено драга, како јас да сум ја напишал. Отсекогаш сум имал впечаток дека некој го напишал тоа пред мене. Причината да им се вратам во Глембаеви и да ги видам од македонски, современ агол, во времето на транзицијата и тајкуните, е токму терминот „глембаевштина“. Знам дека Достоевски зад себе го остави поимот „карамазовштина“, и тоа е едно специфично зло што не може да се опише поинаку отколку така. Па, тука постои „глембаевштината“, што е исто така машинерија на зли и ниски побуди. Тоа е речиси натурализам на човечката душа, но сакав да покажам дека денешните Глембаеви, тајкуните, го сменија значењето на терминот „глембаевштина“. Претходно, да се биде Глембај значело да му одземеш некому нешто, тоа значело оштетување, одземање на невиноста, на материјални работи. Но ми се чини дека денешните Глембаеви немаат аристократска жица. Тие се примитивни паланчани.
Тие ѝ припаѓаат на филозофијата на паланката и нивната цел не е повеќе да ви одземаат нешто, туку да ве претворат во човек што ќе им одзема и на другите, значи да ве претворат во себеси. Тоа е идејата и ако успеам да го покажам тоа со текстот, ќе бидам задоволен – вели Андоновски за весникот и додaва дека е воодушевен од ансамблот, чии членови се врвни професионалци со индивидуалност во глумата.
Нашиот писател зборува и за читањето, популарноста на романот и приемливоста на драмата за пошироката публика.
– Кризата на читање отсекогаш ја имало. Не верувам дека имало периоди кога луѓето многу читале. Можеби читаа малку повеќе кога немаше телевизија. Исто така важно е прашањето што се чита. Секако, театарот отсекогаш бил во водство и тој и денес е пред романот. Што се однесува до мене, јас не сум оптоварен со тоа дали ме читаат или ме гледаат. Секако, мило ми е кога ќе се постави мој текст, затоа што тогаш ја гледам реакцијата кај публиката. Кога пишувам роман, не знам како реагира мојот читател дома. Можеби по неколку моменти ќе ја затвори книгата и ќе ја фрли, но тука сум многу загрижен ако некој ја напушти салата по десет минути. Тука одговорноста е поголема и некако драмата, во таа смисла, е пожива и поживотна – вели Андоновски.
Зборувајќи за поезијата, тој вели дека за него таа е врв на литературната уметност, но дека таа никогаш нема да се консумира масовно, дури и да е важна, таа секогаш ќе има помал и избран круг на читатели и така треба да биде.
Неговиот роман „Папокот на светот“ досега има 15 изданија и продадени 15.000 примероци, што е огромна бројка за Македонија.
– Ние имаме бестселер доколку една книга се продаде во илјада примероци, но, видете, тие 15 изданија се случуваат за 20 години, што значи дека романот се продава тивко и постојано. Особено ми е драго за тоа – вели Андоновски.
Тој во интервјуто зборува и за книжевноста и уметноста воопшто.
– Вистинската уметност, онаа што навистина треба да го поттикне човекот да стане подобра личност, е секогаш елитна и таа никогаш нема да биде бестселер, освен неколку примери, да речеме Библијата, Сервантес, Достоевски… Мислам, литературата нема да нè направи колективно подобри, но доволно е да го одржи континуитетот и да преживее во овој луд свет, затоа што само таа ја бара смислата… Човечко суштество може да преживее некое време без храна и без вода, но без смисла не може ниту еден ден. Значи, мора да го пронајдете значењето, инаку едноставно ќе полудите – вели македонскиот писател.