Оркестарот на Филхармонијата, утревечер, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Бетовен: Редефиниција“, на кој како солист ќе настапи виолинистот Јонијан Илијас Кадеша (Албанија/Грција). Со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, оп. 56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестарот во Де-дур, оп 61 од Л.В. Бетовен.
Виолинскиот концерт во Де-дур оп. 61 за виолина и оркестар од генијалниот Л.В. Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на Бетовен и едно од неговите најлирски дела. Напишан е во еден од неговите најкреативни периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клеменет, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.
Јонијан Илијас Кадеша има грчко-албански корени, а живее во Берлин. Неговата изведба се карактеризира со стилска посветеност и егзактна артикулација во интерпретацијата на дела од сите музички епохи. Кадеша секогаш трага по имагинацијата на звукот, постојано барајќи нови звучни хоризонти.
Добитник е на повеќе интернационални награди меѓу кои и на натпреварите „Виндзор“ и на „Леополд Моцарт“… Како млад виолинист неодамна дебитира со Шкотскиот камерен оркестар, со Ројал филхармоник оркестра, со Новиот руски државен оркестар, под диригентската палка на Јури Башмет, и со камерниот оркестар на Европа. Дебитираше со Атинскиот државен оркестар во 2019 година, со кој го изведе Виолинскиот концерт на Никос Скалкотас, кој заедно со дела од Енеску и Равел се најде и на неговиот албум. Заедно со челистот Вашти Хантер тој го сними и албумот „Патување за двајца“ со дела на Онегер, Скалкотас, Ксанакис и Кодаљ. Јонијан Илијас Кадеша веќе настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа. Во август, 2020 година, по неколкумесечна концертна пауза во германската престолнина, тој го отвори фестивалот на „Млади европски класици“ во Берлин.
Настапувал и во „Вигмор хол“, во „Лувр“, со Филхармонијата на Берлин, на фестивалот „Резонанс“ во Белгија… Како солист настапувал со повеќе оркестри во Европа. Во неговата концертна агенда за сезоната 2020-2021 година, освен концертот со Филхармонијата на Македонија, Кадеша ќе го изведе и Концертот бр. 2 за виолина и оркестар од Шостакович заедно со Државниот симфониски оркестар во Атинаи со камерниот оркестар „Лондон Моцарт плејерс“. Камерната музика го врзува со познати музичари, како што се Марта Аргерич, Стивен Исерлис, Николас Алштед, Илја Григолтс. Тој е коосновач на триото „Гаспард“ со кое настапува во Европа и во САД. Свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуаданини од 1749 година.