ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ
По долго и тешко боледување, почина македонскиот писател, преведувач и универзитетски професор Драги Михајловски. Со своето творештво ќе остане запаметен како еден од најавтентичните и најсугестивни раскажувачи во македонската современа литература; со преводите, како еден од најплодните, но и наједуцирани и најуспешни пренесувачи на книжевните вредности од англосаксонската јазична сфера на македонски јазик; а со својата универзитетска дејност, како еден од најпочитуваните и најсакани професори на Универзитетот.
Роден е во Битола, во 1951 година. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1992 година, на ПЕН на Македонија и на Писателската асоцијација за мир, Вашингтон, САД. Автор е на збирките раскази: „Речно улиште“, „Ѓон“, „Скок со стап“, „Триполската капија“, „Раскази од шести кат“, „Пеперуткарот“, збирката новели и раскази „Глинениот човек“, „Раскази и споредбени коментари“ и уникатната комбинација на раскази и драми, „Патот за рајот“. Исто така, Михајловски ги има објавено и следните романи: „Пророкот од Дискантрија“, „Смртта на дијакот“, „Мојот Скендербеј“, „Бајазит и Оливера“, „Должници“, „Швајцарија на Балканите“ и „Бдеењето на Одисеј“. Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и други јазици.
Од англиски на македонски има преведено повеќе од 110.000 стихови, меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, епот „Загубениот рај“ од Милтон, „Беовулф“ од непознат автор, како и проза од Тони Морисон, Кензабуро Ое, И.Б. Вајт, Стојан Христов и поезија од Т.С. Елиот, В.Б. Јејтс, П.Б. Шели, В. Блејк, В. Вордсворт, Џ. Дан, Д. Волкот, Лез Мари, Б. Брејтенбах и др.
Добитник е на „Рациновото признание“ (1994) за книгата раскази „Скок со стап“ и двапати на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за романот „Смртта на дијакот“ (2002) и за романот „Мојот Скендербеј“ (2006). Михајловски ги има добиено сите награди за книжевни преведувачи во Македонија. Во 1996 година ја добива наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, а во 2006 година наградата „зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир, како и наградата „Кирил Пејчиновиќ“ во 2009 година за неговите многубројни препеви и преводи на дела од англосаксонската книжевност на македонски јазик. Во 2013 година повторно ја добива престижната награда „Григор Прличев“ за препевот на „Сите драми и сонети од Шекспир“. Добитник е и на наградата „11 октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста.