(приказна за една мелодија)
Продолжив со мојата литература, а Влада, со обновен состав, заедно со неговиот, полн со идеи, сокласнички другар од VIII-та белградска гимназија Срѓан Шапер, се наметна како еден од фронтмените на извонредните „Идоли“.
Годините се раздвижија, но и се полнеа со секакви искуства. Со Влада, за разлика од другите членови на некогашната група, продолживме да се среќаваме низ просторите што станаа екс-ју, навистина сѐ поретко и поретко, нѐ навјасуваа и нагризуваа политичките, социјалните и приватните премрежиња, си испраќавме поздрави преку други (така, преку Кирил Џајковски од Австралија). Во градината на животот каде што патеките се двојат и множат повторно и повторно, децениите, без да сме свесни, минуваа трчајќи.
Пред некој месец седев во маалското кафуле кога намина Џина Папас Џокси. Ми се придружи и во кафе-муабет ми кажа дека има фотографија со Влада и мене, кога тој за последен пат, веќе сериозно начнат од болеста, беше во Скопје, да прими годишна награда на Радио Бубамара (на некој проточен начин се совпадна со името на мојата прва белградска група!), за „долгогодишно влијание во балканската музика“ или така нешто. Се сетив дека во Универзалната, каде што имаше проба, тој од бината ми ја отсвири „Збогум, младост моја“, песна од времето на бунтовните 1970-ти, што иако ја сакавме, не успеавме да ја снимиме. Тогаш текстот го „адаптирав“ според првите стихови од песната на Витман „Збогум, машто моја“, како еден од моите обиди да ја спојам неначнатата, без оглед на факултетските пропусти, љубов кон литературата со рокенролот (па така, се обидов еден типичен блуз да го „облагородам“ со „Ille mi par esse deo videtur“ на Катул).
На таа наша последна средба, иако болеста го мачеше, а можеби и поради тоа, останавме долго во хотелското бифе, а потоа излеговме во ѕвездената ноќ и шетавме низ малиот парк, скутрен меѓу високите небодери.
Неполна година подоцна, Влада замина кон ноќното небо.
По средбата со Џокси, додека се враќав од кафулето накај дома, почнав да си ја потпевнувам песната, така чекорејќи ја препеав на македонски, а потоа веднаш седнав на пијаното, добро наштимувано, и… мелодијата потече како вчера да сум ја свирел. И што понатаму? Да ја снимам песната? Но како, веќе со децении не бев присутен на музичката сцена, не знаев што да правам понатаму. Додека не ми помогна (повторно) господинот Случај: таа вечер ме посети другар ми Дејан, кој откако ги слушна песната и приказната за неа, веднаш му телефонира на својот другар Гоце Јованоски, басистот на „Фолтин“, кому му се допадна. Ја снимив на мојот стар мобилен „сони“, со доста засипнат глас, и таква му ја пративме на Гоце во Битола. Потоа сѐ одеше брзо и со некој убав касмет. „Збогум, младост моја“ во аранжман на Гоце и со возбудливиот глас на Бранко се спакува во успешна студиска снимка.
Решивме да ја промовираме во салонот 19,19 на Културно-информативниот центар. Салата беше исполнета со млади, мои врсници и луѓе постари од мене. Додека композицијата течеше, свирев на пијаното (класично) со возбуда и некоја заразна страст под придушеното светло на бината. По изведбата, пред зградата на КИЦ публиката се измеша во ноќта, некои со цигари, некои со пластични чаши со кафе и сок во рацете. Не можев да им ги видам лицата на сите, но така барем ми се чинеше, меѓу нив како сѐ уште да струјат акордите на мелодијата стара половина век:
Збогум, младост моја
Збогум, верен друже
О, љубов моја
Јас одам којзнае каде
Која прокоба ли
ќе ме следи
И кој Кербер назабен
Таму ќе ме дочека
Збогум, младост моја
Збогум, лудост моја