ЗБОГУМ, МЛАДОСТ МОЈА, 2

(приказна за една мелодија)

Во репертоарот имавме сѐ повеќе наши песни. Почнавме да експериментираме со поинакви звуци, на пример на балалајка, со повеќегласни рефренски созвучја, со пооткачени текстови.
Влада заврши гимназија, како одличен ученик, и запиша факултет. Што се однесува до мене, ги проретчив предавањата на компаратива и од примерен студент се престорував во бунтовник. Дури пркосно се втурнав во инцидент со еден препотентен асистент и за малку ќе бев избркан од факултетот.
Но од друга, многу важна страна, почнав да објавувам текстови по белградските и скопските книжевни весници и списанија, се вклучив во создавањето на „Знак“, едно навистина авангардно списание на студентите на Филолошкиот факултет, кое и ден-денес има добро реноме.
И се заљубив, за првпат толку силно.
За жал, веќе не живеев кај Галиќеви (мојата згодна потстанарска соба со право ја зеде синот Владо, и тој веќе студент). Се селев од едно место во друго, додека не се скрасив во Грачаничка 7, при преселбите, двајцата Владовци секогаш ми помагаа да ги пренесам електричното пијано (се подразбира), полиците и куферите полни со книги. Со секоја селидба, книгите се намножуваа, Влада ќе извлечеше од купчето понекој Маркес, Црњански или Пекиќ и ќе го земеше на читање.
Во сета таа временска турканица наоѓав време и за рекреативно играње пинг-понг, каде ако не во дорќолската месна заедница Стари Град. Таму играа (или навиваа) дечки од маалото, меѓу нив беше Бора Антиќ, кој живееше на истиот кат наспроти просториите на месната заедница. И, што е уште поважно, многу добро свиреше кларинет. Го прифативме за нов член на „Мерлин“ (излезе дека го владее и саксофонот) и тој не само што се вклопи во групата туку нѐ поттикна да ја збогатуваме нашата свирка со џез-рок елементи. Во согласност со промените во музицирањето, го променивме и името: од „Мерлин“ во „Звук улице“. Со Влада продолживме да се дружиме и да разговараме надвор од пробите, забележав кај него една непритеснета детерминираност во однос на тоа како треба да се развива нашата музика и што треба да биде со неа. Ми беше интересен, но во главата веќе ми се вртеа други мисли.
И покрај овие возбудливи доживувања, tempus fugit. Неповратно. Но кај мене, и со обновени, по подолга пауза, студентски амбиции. Се активирав на предавањата и семинарите, запнав, како продуктивен поборник на факултетската трудољубивост, да полагам испити во рок. Дипломирав и веднаш потоа, најмногу поради објавени есеи во книжевни списанија, успеав да запишам постдипломски.
Така, додека Влада ми зборуваше за идни снимки, настапи и гостувања, јас баш не учествував во разговорот, не затоа што ми беше сеедно, туку затоа што мојот шалтер за информации веќе беше сместен во друг регион на мозокот.
Во меѓувреме добив и повик за војска.

(продолжува)