Фото: Пиксабеј

ЗА ПОЛИТИЧКОТО ВО (ПОПУЛАРНАТА) КУЛТУРА

Во годините помeѓу 2010 и 2018 на македонската книжевна сцена се случуваше нешто невообичаено: најмладите македонски поети и писатели, како никогаш порано, се здружија и дејствуваа компактно, се поддржуваа и, благодарение на Ана Голејшка и Ѓоко Здравески, се дружеа, меѓу другото, и на манифестацијата „Астални проекции“. Беа нешто што е малку присутно на македонската културна сцена. Можеби и единствено. Тоа беа културни практики што донесоа нови и значајни книжевни дела, но и нова етика во културното дејствување. Посакав одблиску да ги запознаам, за да им покажам дека нивниот глас, така здружени, се слуша надалеку. По двата дена дружба ме прашаа дали имам профил на Фејсбук. Немав. ФБ не ми изгледаше како нешто што мене би ме интересирало. Па, ме убедија дека тоа е најпрактичниот начин за комуникација. Така и го отворив мојот профил. Не бев многу информирана за тоа што се социјалните мрежи, па мене ми служеше за инстант-пристап до настаните што ме интересираат и за брзо информирање на пријателите каде сум и што правам во моментот. Ми се виде згодно и практично место за споделување споредни информации.
Оваа историја од денешен аспект ми се чини значајна. Отворањето на мојот ФБ-профил се совпадна, или така ми се чини, и со времето кога се интензивираа преговорите со Република Грција за името на нашата земја, забрането за поширока меѓународна употреба, иако признаено од најголемиот број држави, па иронично преименувано од писателот Драги Михајловски во „Дискантрија“, како одговор на навредливата, но политички коректната инвенција на европските дипломати за снаоѓање во незгодни ситуации, односно кога мора некако да ја именуваат нашата земја. И кога тоа „this country“ се повторува неколку пати во краток временски интервал, се слуша „дискантри, дискантри, дискантри“… и, сосем логично заклучувате дека станува збор за државата Дискантрија. Секако, не вие, туку исто толку инвентивниот македонски писател Драги Михајловски, кому, си дозволувам да претпоставувам, кованицата му ги пара ушите и го тера да си го постави прашањето: Зошто? Зошто е Македонија единствената земја за која се кршат принципите и начелата врз кои е креирана Европската Унија? Дали забраната за употреба на името со кое Македонците се идентификуваат и обидот за преименување е директен упад во идентитетот на една заедница?
Додека јас ги пишував моите научни трудови во кои се обидував да разберам и да аргументирам зошто Македонија е другото на Европа, да испитувам колку европските се и наши вредности, да ги посочувам местата на самоидентификација и, следствено, да заземам став за тоа што би значела евентуалната промена/модификација на името на државата за македонскиот идентитет, чувствував дека мојот глас останува заробен таму некаде меѓу кориците на книгите. Сфатив дека ФБ може да биде местото од каде што искажаните ставови можат да добијат поголема гласност. Или барем да учествуваат во процените на оние што донесуваат одлуки какво е расположението на јавноста.
Од друга страна, моите ФБ-пријатели од секаков тип, имаа свои објави со паушални или аргументирани ставови за тоа зошто се „за“ или „против“ промената на името. Речиси сите имаа коментари, освен најголемиот дел од уметниците, а писателите посебно. И оние што за предмет на проучување ги имаа книжевноста и уметноста. И моите млади пријатели, па и нивните етаблирани колеги, со чест на исклучоци, главно, молчеа. Или таков ми беше впечатокот поради гласноста на оние малкумина што решија да се залагаат за својата опција. Некогаш пренагласено и без желба за дијалог. Тишината, а и нетолерантноста кон поинаквите аргументи, ми ги параше ушите. На моменти ми се чинеше пострашна од кованицата на ЕУ-дипломатите. Од оние што молчеа имаше мноштво објави, главно поврзани со уметничките и со книжевните практики и речиси ништо не излегуваше надвор од она што за нив значеше книжевен/уметнички свет. Таа тишина гласно зборуваше за нивниот став дека естетското не се меша во политичкото, дека естетиката е над политиката и од тие височини ќе зборува за вечните и универзални теми, а не за „дневнополитичките“ настани. Арно ама, и тој став е политички. Немањето интерес за политичкото не значи дека политичкото во уметноста/книжевноста е невидливо.

Фото: Пиксабеј

Културните практики на поединците, на групите и на заедниците не можат да се амнестираат од политичкото, колку и на некои и да им се чини дека границата меѓу нив е јасна и непробојна.
ФБ стана местото каде што ги аргументирав моите ставови во врска со актуелното прашање тогаш: за идентитетот, поточно идентитетите, пред сè, колективниот, а и индивидуалниот. Прашања за кои се чувствувам компетентна, а го засегаат и естетското и политичкото. Настаните што се случуваа тогаш ми се чинеа премногу важни и премногу во „мојот“ домен за да молчам. Момент во кој културата/културните практики означуваа и беа од исклучителна важност за заедницата. Тие настани имаа своја историја, продолжена во сегашноста, која слободно може да се именува со терминот „културна траума“. Дел од моите размислувања се инспирираа токму од тие мои реакции, односно од желбата да се соочиме со културната траума и да ја надминеме. Прашањето беше: Како?
За важноста на увидот во културната траума на заедницата веќе е зборувано. „Луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме. За да можеме да преживееме во суровиот свет, оваа приказна мора да е точна, заснована на познаванье на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт. Погрешната приказна може скапо да нѐ чини, да нѐ одведе во заблуда, во ќор-сокак, во смрт. Бидејќи теренот постојано се менува, и приказната мора да претрпува постојани уточнувања. Приказната е мапа. Ако мапата не одговара на теренот, ние сме изгубени, како во џунгла (Стефановски, 2006)…
Сè што работев тогаш се однесуваше на тоа да ги најдам одговорите на прашањето: Зошто за Македонија приемот во ЕУ и НАТО е еден вид културна траума? Тоа неминовно водеше до односите на моќ, кои беа во основата на сите релации – од семејни, локални и родови до идентитетски и глобални. Моите ставови се резултат на запрашаноста врз феномените што се диктирани од тие односи на моќ и како тие се креирани и како креираат во рамките на културните практики. Културата е естетски феномен и ова тврдење е неспорно. Но културата е и социолошки и антрополошки феномен, односно таа ги актуализира прашањата што се однесуваат на моќта, па културата е и бојно поле. Оттука, проучувањето на културата подразбира проучување на феномените, кои колку што се во доменот на естетиката толку се и во доменот на политичкото. Кога проучувањата на културните практики имаат цел да ја разберат нивната условеност од центрите на моќ, но и да ги протолкуваат механизмите со кои таа го означува светот, тогаш проучувањето на политичкото во културата доминира над проучувањето на естетското. Тогаш станува јасно дека за успешна идентитетска приказна е потребен консензус. Сличен на оној што го имаа тогаш младите македонски писатели, собрани околу манифестацијата „Астални проекции“…
Културните практики на младите македонски писатели, но и оние што произведуваа филмови, главно беа посветени на оние прашања што се занимаваат со феномените на современото живеење, кои треба да се справат со стереотипите, со цел да се постигнат поправедни општествени односи. Се чини дека етичкото се наметна на прв план, па темите на исклученоста (од различни типови) доминира. И тоа етичко во културните практики, повторно е поврзано со идентитетите, само сега – индивидуалните. Така, се стекнува увид во фактот дека и етиката е во доменот на политичкото. Било да станува збор за мигрантите, субалтерните, болните, нестабилните лични идентитети, замолчените итн.

Тие културни практики нè засегаат – лично и колективно. Може да се согласуваме или да спориме, но не нè оставаат рамнодушни. Додека е така, културните практики се местото каде што се собираме сите. Тука преговараме за толку потребниот консензус. И, додека е така – добро е.
Денес некако сè повеќе се сомневам во делотворноста на културните практики. Се чини дека рамнодушноста e маркер на актуелната состојба, со многу спектакли и малку реакции. Со многу спротивставувања и малку желба за наоѓање сличности. Во денешното гротескно време во кое старото се урива, а новото не е на повидок, а трае премногу долго, царуваат неспособноста и безидејноста. И криминалот. Кој се легитимира и станува нова нормалност. Тогашните млади писатели полека почнуваат да влегуваат во својата зрела доба и со носталгија да се сеќаваат на „Асталните проекции“ и декларативно изјавуваат: „Астал да блиста!“ (алузија на култниот филм „Терминатор“ на Џејмс Камерон и сентенцата Asta la vista, baby!). Со кого победнички, всушност се простува младата генерација македонски писатели? Ми се чини со идејата дека нешто можат да сторат и се затвораат во своите сопствени интересовни светови, без да разберат дека она што им успеа со младешкиот елан, треба да го заменат со мудра стратегија, која исклучувањето ќе го анатемиса и ќе го прогласи за најефикасна тактика на раздорот и на општата деградација на институциите, што како последица го има и личниот пад.
Реакциите речиси ги нема. Бојата фрлена на спомениците од проектот „Скопје 2014“ полека исчезнува од киселиот дожд и смогот надвиснат над Скопје, а сите ние, егзистенцијално загрозени од немањето чист воздух за дишење, седиме затворени во личниот простор на сопствените четири ѕида, главно, преокупирани со препораките за здрава исхрана, кои се вртат на Јутјуб и на Тик-ток. И, тука како асоцијација ми доаѓа на ум насловот на најновиот роман на Фросина Пармаковска, сè уште во печат и, следствено, непрочитан – „Сè уште можам нешто да сторам“. Дали можеме, се прашувам? Ако можеме, прашањето е што е она најважно што ги условува сите наши дејства, што е она што е приоритет, со оглед на актуелната локална и светска состојба?

Лорета Георгиевска-Јаковлева