За магичниот реализам во „Џипси меџик“ на Столе Попов (2)

(филмофилски импресии)

Се чини дека кусиот филм на младиот Столе Попов „Оган“ (1974) е силно навестување на поетиката на магичниот реализам што тој ја вклопува во подоцнежните остварувања „Дае“ и „Џипси меџик“. Иако со определена, сведена тематика, во „Оган“ суровиот реализам добива магиска аура. Борбата, сета во визуелна нарација, без дијалог (се слушаат само звуците во фабриката и татнежот на огнот во печката) потсетува, со својата митска матрица, на судирот меѓу Св. Ѓорѓи и аждајата, каде што анонимниот осамен леар ја презема улогата на светиот херој, а огромната печка за топење на вжештениот метал, на чудовиштето (оттаму асоцијацијата на познатиот експресионистички циклус на Глигор Чемерски што тој го слика до крајот на својот живот).
Во впечатливиот кусометражен бисер од своето рано творештво, Попов ја открива несомнената дарба да ја нахрани заокружената филмска форма со продлабочени асоцијативно-симболични предизвици, што надоаѓаат кај гледачот за време на кондензираните 12 минути во скопската Железарница.

***
Маркесовото Макондо е извонреден пример за место, топос, каде што магичниот реализам слободно се размавтува. Полнотијата на доживувањето на атмосферата, случките, судбините на жителите на ова специфично место, кои со генерации го живеат вистинито своето необично секојдневие, во кое „имагинацијата се користи за да се збогати реалноста, а не да се избега од неа“, како што вели другиот голем маг на магичниот реализам Салман Ружди, убеден дека: „Макондо постои; тоа е неговата магија“. Во омажот на книжевниот свет на Маркес, по повод неговата смрт, тој ја истакнува убедливоста на книжевното мајсторство во совпаѓањето на таа подлабока вистина: „Неговиот свет беше мој, преведен на шпански. Не е ни чудо што се заљубив во него, не заради неговата магија, туку заради неговиот реализам“, за да заклучи: „Тој беше најголем од сите нас“.
Изборот на вистинското или измислено место каде што се одвиваат дејствата и се случуваат односите меѓу ликовите, било да станува збор за книжевно или филмско дело, е секогаш важен во градењето на креативниот имот, но може да биде клучен кога притоа се користи магично-реалистичниот пристап. Најпрвин затоа што определениот простор и неговите жители на тој начин се издвојуваат во нивната посебна, различна приказна што се храни од „духот на местото“. Во таа смисла, во филмовите со ромска тематика, тие живеат или во импровизирани привремени објекти како шатори или во населби на маргините на градот, каде што нивниот специфичен идентитет доаѓа до израз. Во првиот случај (како во „Дае“), шаторите се среде широк, отворен простор – брегови на реки, ливади…, во вториот, стеснетиот, пренаселен простор во сиромашни куќарки е збиен во посебен град во(н) градот (Шутка во „Џипси меџик“).