Феномени
Лорета Георгиевска-Јаковлева
Ќе започнам со една анегдота. Членувам во една вибер-група за дружба на соучениците од гимназиските денови. Закажуваме средби на кои сакам да одам. На една таква, еднаш еден доаѓа со подготвен говор за тоа кој треба да биде исклучен од групата. Критериумот е: тој што ги игнорира средбите, а ги следи настаните пренесени во групата на Вибер. И продолжува: „И тебе ќе те исклучиме, не се најавуваш дигитално, а доаѓаш!“ Засегнатиот одговара: „Важно аналогно сум присутен!“ Секако, сè е кажано на шега. Но шегата, всушност, одлично ја илустрира трансформацијата на нашето секојдневие во дигиталната ера. Физичкото, човечкото присуство – аналогното – сè уште постои, но дигиталното станува критериум за видливоста, учеството и влијанието. Со други зборови, сега платформите и алгоритмите „одлучуваат“ кој е присутен, а кој не. Чекор понатаму и стасуваме до прашањето за вештачката интелигенција (ВИ) и културата.
Секаде, во секојдневните разговори, на социјалните мрежи, во научните анализи, па и на средбите на гимназиските соученици, кои по дефиниција се организираат заради забава итн., вештачката интелигенција станува сè присутна како тема. Најчесто како прашање за нејзината улога во културата, од типот: дали ВИ е само алатка што го олеснува нашиот живот или веќе станува „конкурент“ на човековиот талент? Дали уметничката вредност се намалува ако делото е генерирано од алгоритам, дури и ако, текстуално, визуелно или звучно, е совршено? Каде е балансот помеѓу ефективноста и човечката инвентивност?
Сакале или не, мораме да признаеме: ВИ станува сè поприсутна алатка: од пишување текстови до создавање музика, слики или видео… Алгоритмите се вклучуваат во процесите што порано беа исклучиво во доменот на човековите активности. Ова отвора дилеми што ја допираат суштината на талентот, авторството и уметничката вредност, но и прашања што се поврзани со политичкото во културата.
Поддржувачите често велат: ВИ ги забрзува продукцијата и обработката на информации. На пример, алгоритмите можат да генерираат визуелни концепти, текстови или музика во многу мал дел од времето што инаку човекот би го потрошил. Што значи ја потенцираат ефективноста како придобивка; ВИ служи како личен асистент, овозможувајќи брз пристап до технички и суштински податоци, односно ја нагласуваат многу поголемата достапност, но и класификација на информациите; ВИ може да инспирира (на пример уметници, новинари и истражувачи) со идеи и модели што човекот сам би ги развивал подолго. Тие во ВИ гледаат поддршка на креативноста. Други велат: ВИ и алгоритмите можат да генерираат технички совршено уметничко дело, но токму таа совршеност пречи, што го поставува прашањето за уникатноста и „душата“ на делото. Токму „совршенството“ ја става на показ отсутноста на човечката димензија, емоција или дури и грешка. Токму елементите што ги прават уметничките дела уникатни. Во овие аргументи всушност станува збор за редукција на уметничката вредност; ВИ користи постојни податоци, па прашањето за оригиналност и авторство станува сложено. Често аргументираат дека станува збор за плагијат или „позајмување“. Совршената изведба на алгоритмите може да го намали потребното човечко учество. Оттука, некои аргументираат дека е можна замена на човекот, дури и во областа на креативноста.
Опасностите се изразуваат и како: ризик од автоматизација на талентот, кога алгоритмите ја заменуваат или ја редуцираат улогата на човековата креативност, со што уникатноста, интуицијата и личниот печат на авторот стануваат помалку видливи и ценети; морални и етички дилеми: кога алгоритмите препорачуваат, селектираат и фаворизираат одредена содржина, тие можат да репродуцираат постојни предрасуди, маргинализирајќи групи или стилови; намалување на човековата инвентивност: лесното производство и совршенството можат да ја направат човечката инвенција непотребна, со што талентот и креативноста се губат, а човекот ги редуцира своите способности и вештини.
На тоа се надоврзува и научната мисла. На пример, Кејт Крофорд во својата книга „Атлас оф АИ“ ја истакнува структурната моќ на платформите констатирајќи дека алгоритмите не се само инструменти туку субјекти што ги формираат видливото и влијателното во културата. Сафија Ноубл во „Алгоритамс оф опрешн“ предупредува дека алгоритмите репродуцираат општествени предрасуди и ја менуваат видливоста на културните групи. Таа покажува дека иако ВИ е техника, таа ја пренесува структурата на хегемонијата во дигиталната сфера. Мередит Брусард во „Артифишал анинтелиџенс“ додава дека податоците сами по себе не создаваат значење – значењето се создава преку процесите на алгоритамско филтрирање. Така, човековата интерпретација сè уште е неопходна, но таа се префрла од директно создавање кон контрола и избор на процесот.
Со други зборови, ВИ ја менува продукцијата на културата, но не ја елиминира хегемонијата – таа станува помалку видлива, но сè уште присутна, автоматизирана. А интерпретацијата и натаму ја „може“ само човекот. И токму тука го гледам одговорот на поставените дилеми. Човекот задава „задачи“, тој го „води“ алгоритамот, ВИ е алатка. Како и многу други во историјата. Без човекот, ВИ не може многу. Или барем така мене ми се чини. Вештачката интелигенција ја трансформира културата, но не ја елиминира човековата креативност. Таа ја олеснува работата, го зголемува пристапот до знаење и ја забрзува продукцијата. Или така сакам да верувам.
Современата културна продукција се наоѓа на крстопат: дали ВИ е само алатка што ја проширува човековата инвентивност или конкуренција што го поставува човекот во сенка на алгоритамот? Ова прашање ги допира секојдневието и уметничката професија и ширум општеството го отвора прашањето: што значи да бидеш креативен и уникатен во време на автоматизирана совршеност?
За крај, пак детаљ од моето секојдневие. Во групата за која зборував на почетокот имаме докажан електроинженер, кој има неверојатен музички талент и основно музичко образование. Јас, сосема изненадена од себе, напишав збирка поезија што тој побара да ја прочита и направи музика на една од песните, кои во суштина не се многу податни за музичка изведба. Со помош на ВИ, секако. Инаку, примеров не би имал смисла. Кога ја слушнав, можев да се расплачам. Толку ми се допадна. Дали од задоволството дека мојата песна го допрела и го инспирирала или од навистина добрата изведба, не знам. Но знам дека тоа што јас го кажав во стихови сега добива нов облик. Ако успее да поттикне, знам дека сме завршиле добра работа.
































